Податоците на Народната банка за јануари 2026 година покажуваат дека кредитната активност продолжува да расте со стабилно темпо, додека депозитите бележат солидна годишна динамика и покрај месечните намалувања.

Паричната маса во јануари е намалена за 1,4% на месечно ниво, главно поради падот на краткорочните депозити и депозитните пари. Сепак, на годишно ниво таа е повисока за 10,7%. Вкупните депозити се намалени за 1,0% во однос на декември, со поизразен пад кај корпоративниот сектор, но на годишно ниво бележат раст од 10,5%, пред сè поради зголеменото штедење кај домаќинствата.

Кредитите, пак, продолжуваат со раст – за 0,5% на месечно и 13,6% на годишно ниво. Корпоративните кредити се зголемени за 16,2% на годишна основа, додека кредитите на домаќинствата пораснале за 11,2%. Кај домаќинствата, станбените кредити и натаму имаат најсилна динамика со годишен раст од 16,1%, додека потрошувачките кредити пораснале за 10,7%.

Анализирано според намената, потрошувачките кредити во јануари се намалени за 0,2% на месечно ниво, но на годишна основа бележат раст од 10,7% Станбените кредити продолжуваат со раст од 0,7% на месечно и 16,1% на годишно ниво. Автомобилските кредити се зголемени за 0,1% месечно и 0,7% годишно.

Наспроти тоа, кредитите преку кредитни картички се намалени за 0,9% на месечно и 5,2% на годишно ниво. Негативните салда на тековните сметки бележат значителен месечен раст од 15% и умерен годишен раст од 0,8%. Кредитите одобрени врз други основи се намалени за 1,7% на месечно и 11,8% на годишно ниво.

Податоците упатуваат на стабилен раст на кредитната активност и солидна годишна динамика на депозитите, и покрај краткорочните месечни намалувања во одделни категории.

Инаку, Народната банка годинава одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење, јубилеј што ја потврдува нејзината долгорочна улога во обезбедувањето макроекономска стабилност и монетарен суверенитет.

Темелите на централнобанкарското работење се поставени во 1946 година, а со монетарната самостојност во 1992 година, институцијата прерасна во независна централна банка, носител на сите клучни функции на современото централно банкарство.

Во изминатите осум децении, Народната банка се развиваше во различни економски и општествени услови, градејќи силен институционален интегритет и кредибилитет. Денес таа е модерна и професионална институција со голем углед во земјата и во меѓународните финансиски кругови, доследно посветена на одржувањето на ценовната и на финансиската стабилност.

Континуитетот и довербата се резултат на стручноста и на посветеноста на генерациите вработени, како и на активната меѓународна соработка. По повод јубилејот 80 години централнобанкарско работење, ќе бидат реализирани повеќе активности со кои ќе се одбележи институционалното наследство и ќе се истакне значењето на централното банкарство за стабилен и одржлив економски развој.