Белгиската компанија „Авеста холдинг“ ќе инвестира нови 26 милиони евра во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Штип, со што ќе се отворат до 150 нови, високоплатени работни места. Изградбата на фабриката, која ќе произведува батериски системи од најнова генерација за електрична мобилност и стационарни апликации, треба да започне на крајот на 2025 година.

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, по официјализацијата на инвестицијата, денеска во Нинове, Белгија, се сретна со менаџментот на „Авеста холдинг“ и изврши обиколка на постоечките производствени капацитети. Тој ја нагласи важноста на овој проект за националната економија и особено за развојот на регионот на Штип, нарекувајќи го доказ за проактивната политика на новата влада.

Сопственикот на „Авеста холдинг“, Ношин Омар, изрази благодарност за поддршката од македонската влада и истакна дека транспарентноста и професионалниот пристап на ТИРЗ биле клучни за одлуката за нова инвестиција. Ова е втора по ред инвестиција на компанијата во земјава и, според инвеститорот, претставува потврда за поволната и предвидлива деловна клима во Македонија.