Случајот со исчезнати 39.000 евра од банка во Тетово отвора сериозни прашања за безбедноста и внатрешните контроли во банкарскиот систем.

Според информациите од полицијата, кривична пријава е поднесена против 31-годишна вработена во филијала на банка, која, наместо да ги уплати средствата на сметката на клиент, ги присвоила. Станува збор за сума од 39.000 евра, кои 59-годишен жител на Тетово ги депонирал на 3 ноември 2025 година.

Дел од средствата подоцна биле вратени, но не во целост.

Според информации на Скопје Инфо, случајот се случил во банка со германска сопственост.

Овој настан отвора низа дилеми – како е можно во банка, особено со странска сопственост, да се случи ваков пропуст и дали станува збор за изолиран инцидент или за поширок проблем во системот на контрола.

Редакцијата на Скопје Инфо се обрати до банката со конкретни прашања – дали станува збор за нивна филијала, како е дозволено да се прими депозит без соодветна евиденција, дали клиентот ќе биде обештетен во целост и кои мерки ќе се преземат за да се спречат слични случаи во иднина.

Од банката не дадоа конкретни одговори на овие прашања. Наместо тоа, доставија кус писмен одговор:

„Ве молиме обратете се до соодветниот орган кој што ја има издадено наведената информација.“

Со ваквиот став, остануваат отворени клучните прашања за начинот на кој настанал пропустот, евентуалната одговорност и механизмите за заштита на клиентите.

Случајот е во надлежност на институциите, но во вакви ситуации јавноста очекува транспарентност и од банките, особено кога станува збор за довербата во финансискиот систем и сигурноста на средствата на граѓаните.