Поминаа седум години откако Apple стана првата компанија во историјата што достигна пазарна вредност од 1.000 милијарди долари – бројка што некогаш изгледаше како фантазија, а неодамна Nvidia го проби нивото од дури 4.000 милијарди долари и со тоа постави нов рекорд.

Технолошкиот гигант го постигна ова благодарение на својата лидерска позиција во глобалната трка за развој на вештачка интелигенција. Nvidia произведува графички картички и друга компјутерска инфраструктура што ги напојува системите со вештачка интелигенција.

Пазарната капитализација на компанијата претставува збир од вкупната вредност на сите нејзини акции. Когабеше собрана вкупната вредност на сите акции на Nvidia, резултатот беше повеќе од 4 трилиони долари.

Но, Nvidia не е единствената што е блиску до оваа импресивна бројка. Еве ги компаниите што се приближуваат до пазарната капитализација од 4 трилиони долари, според Yahoo Finance:

Microsoft
Microsoft ја затвори трговијата оваа недела со 503,51 долари по акција, што ѝ дава пазарна капитализација од нешто над 3,7 трилиони долари.

Ова ја прави втората највредна компанија во светот, веднаш зад Nvidia. На Microsoft му недостасуваат помалку од 300 милијарди долари за да стане втората компанија со пазарна вредност од 4 трилиони долари.

Apple
Apple е првата компанија што ги надмина праговите од 1.000, 2.000 и 3.000 милијарди долари. Моментално е на третото место по вредност.

Цената на акциите во петок, 11 јули, од 211,14 долари, ѝ даде на Apple пазарна вредност од нешто над 3,1 трилиони долари. Тоа значи дека му се потребни дополнителни 900 милијарди долари (раст од речиси 25%) за да ја достигне магичната бројка од 4 трилиони долари.

Најблиску до таа цел беше минатата година, кога достигна 3.900 милијарди долари.

Амазон
Амазон е следниот кандидат, иако сè уште не ја преминал границата од 3 трилиони долари.

По затворањето на пазарот на 222,54 долари по акција, Амазон има пазарна вредност од околу 2,3 трилиони долари. За да достигне 4 трилиони, цената на акциите мора речиси да се удвои.

Алфабет (Google)
Алфабет, матичната компанија на Google, го затвори денот на берзата на 177,66 долари, што ѝ дава пазарна капитализација од околу 2,1 трилиони долари.

Тоа ја прави една од највредните компании, но сепак мора да ја прескокне границата од 3.000 милијарди долари за да влезе во трката за 4 трилиони.

Meта (Фејсбук)
Сопственикот на Фејсбук, Мета Платформс, има пазарна капитализација од околу 1,8 трилиони долари, врз основа на цена на акција од 732,78 долари. За да достигне 4 трилиони, нејзината вредност мора да се зголеми повеќе од двојно.