Две третини од домаќинствата во Македонија, или поточно 70 проценти се греат на цврсти горива, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Според нивните истражувања и пресметки, само 20 проценти од домаќинствата во нашата држава се греат на струја.

„Најголемиот дел од домаќинствата изминатата година се грееле на печки и тоа над 71% на цврсти горива, додека 20,7% на струја. На 5 проценти имале сопствено парно греење, а 2,9% на централно парно греење“, порача ДЗС.

Најголем дел од домаќинствата или 36,3 проценти живеат во трисобен стан, меѓу 51 и 70 метри квадратни, 28,6% во четирисобен или поголем, а 26,4% во двособен стан. Во еднособен стан или гарсоњера живеат 4,5% до домаќинствата. Над 92,7% од домаќинствата живееле во сопствен стан, 5,1% кај родител, деца или други роднини и 2% во стан под закуп.

Во просек од тројца членови на домаќинството во работен однос бил еден. Просечниот број на членови во домаќинствата изнесува 3,05, во работен однос во просек биле 1,13. Издржувани биле 1,15 членови, а 0,67 членови биле со лични приходи, покажува Статистичкиот годишник за 2025-та на Државниот завод за статистика.

„Над две третини од домаќинствата имале автомобил и клима-уред, а само 40 отсто велосипед. Речиси половината имале персонален компјутер, поврзан на Интернет, додека мобилен телефон имале над 92%, радио 28% и фиксен телефон само 22 проценти“, велат од ДЗС.

Податоците се добиени врз основа на статистичкото истражување „Анкета за потрошувачката на домаќинствата“, спроведено во текот на 2024 година на 5040 домаќинства. Анкетирани се 2 914 семејства, додека бројот на оценети семејства е 598 632.