Европската Унија е клучниот економски двигател за Македонија. Во изминатата година, трговската размена достигна 13,8 милијарди евра, што ја позиционира ЕУ како најважен и најголем трговски партнер на земјата.
Дури 78 % од целиот македонски извоз завршува на европските пазари, што ја прави ЕУ незаменлив фактор за порастот на индустријата, производство и на пазарот на труд. Овој силен економски однос е поддржан и преку значајни директни странски инвестиции, од кои најголемиот дел потекнуваат од земјите членки на ЕУ. Инвестициите во индустријата, технологијата, производството и во инфраструктурата создаваат конкурентна економија, стабилни работни места и долгорочен развој.
Покрај трговијата, ЕУ има водечка улога во обезбедувањето поддршка за развојот на Македонија. Преку ИПА-програмите се доделени преку 265 милиони евра, меѓу кои и 80 милиони евра енергетска помош – поддршка која беше пресудна за заштита на домаќинствата и на компаниите во периодот на енергетската криза.
Во 2025 година, Македонија стана првата земја од Западен Балкан што доби средства од Планот за пораст на ЕУ – 52 милиони од вкупно 750 милиони евра, потврдувајќи дека земјата се движи во насока на реформи, усогласување со европските стандарди и поголем пристап до единствениот европски пазар. Европските средства придонесуваат за развој на поквалитетна инфраструктура, зелена енергија, подобри енергетски стандарди и поодржлива животна средина. Овие инвестиции не се само бројки – тие се реални проекти што ги подобруваат секојдневните услуги и ја забрзуваат економската трансформација на земјата.