Ед Бамбас, 88-годишен пензионер од Мичиген кој сè уште работи како благајник за да го надополнува својот приход, доби неверојатна донација од 1,7 милиони долари. Средствата беа собрани преку кампања иницирана од млад Австралијанец со огромна поддршка на социјалните мрежи.
Сем Вајденхофер, 22-годишен инфлуенсер од Мелбурн, за време на неговата посета на САД, се запознал со Бамбас во продавницата „Мајер“ во Брајтон пред две недели. Тој снимил видео за TikTok за своите 7,7 милиони следбеници, во кое пензионерот од Џенерал Моторс објаснува зошто сè уште мора да работи во позни години.
„Немам доволно приход“, изјавил Бамбас во видеото. По смртта на неговата сопруга Џоан во 2018 година, тој започнал да работи на 82-годишна возраст.
Вајденхофер подоцна покренал GoFundMe кампања за да му помогне. „Неговата приказна е суров потсетник колку тешкотии се соочуваат многу постари лица“, напиша тој.
Одѕивот бил неверојатен: над 15.000 луѓе донирале од 10 до 10.000 долари.
Бамбас изјави дека работата на каса му помогнала да остане психички стабилен по смртта на сопругата. Има долг од 225.000 долари, кој сега ќе може целосно да го отплати. Остатокот од парите, вели, ќе го искористи за да го посети брат му и да се врати на голфот, неговото старо хоби.
И покрај големата донација, тој не планира веднаш да ја напушти работата: „Ќе бидам тука уште еден-два месеца“, рече со насмевка.