Дирекцијата за трезорско работење при Народната банка ја унапреди својата техничка опременост со современ уред за спектрална анализа од типот „Regula“, со цел дополнително зајакнување на сигурноста на готовинскиот платен промет и заштитата на граѓаните од фалсификувани банкноти.

Со примената на оваа напредна технологија се овозможува брзо, прецизно и детално откривање на најсуптилните разлики меѓу оригиналните и фалсификуваните банкноти, без разлика дали станува збор за денари или за други валути што циркулираат во оптек. Новиот систем овозможува и засилена контрола на квалитетот на новите изданија на банкноти, што дополнително ја зголемува безбедноста и довербата во готовинските плаќања.

Со ова се очекува:

  • Поголема заштита од фалсификати
  • Побрза и поточна анализа на сомнителни банкноти
  • Засилена контрола на квалитетот кај новите изданија банкноти

Од Народната банка истакнуваат дека ваквите инвестиции значат директна заштита на финансиските средства на граѓаните и компаниите и претставуваат дел од континуираните напори за примена на највисоки стандарди и современи технологии во функција на стабилен и безбеден финансиски систем.