Во текот на 2025 година извршителите во Македонија присилно наплатиле вкупно 137.368.058 евра, што претставува реализација од 43,63 проценти од примените барања за извршување. Иако оваа сума е за околу 23,3 милиони евра пониска во споредба со 2024 година, забележлив е пораст на износот наплатен од граѓаните-должници.

Според годишниот извештај за работата на извршителите, најголем дел од средствата се наплатени од компаниите – 63.466.121 евра. Од граѓаните присилно се наплатени 50.866.174 евра, што претставува највисок износ досега и првпат ја надминува границата од 50 милиони евра. Од државните институции, пак, биле наплатени 24.802.218 евра.

Во споредба со претходната година, наплатата од граѓаните е зголемена за речиси четири милиони евра, додека кај компаниите и државата е евидентиран пад на наплатените средства.

Компаниите не се само најголеми должници, туку и најголеми доверители. Во текот на 2025 година тие преку извршители наплатиле повеќе од 105 милиони евра. Граѓаните, како доверители, наплатиле над 31 милион евра, додека државата во оваа улога инкасирала нешто помалку од 2,5 милиони евра.

Податоците на Комората на извршители покажуваат дека од воведувањето на извршителскиот систем до крајот на 2025 година вкупно се присилно наплатени 2.220.801.014 евра.