ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА БУЏЕТСКИТЕ ОБВРСКИ?!
Владата, најверојатно, ќе обезбеди синдициран заем од 300 милиони евра, во кој ќе учествуваат повеќе банки, најави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа посочи дека преговорите со банките се веќе во тек и дека се очекуваат конечните понуди, по што ќе биде избрана онаа што ќе биде најповолна и најсоодветна за буџетот.
Според министерката, задолжувањето е целосно во рамките на проекциите и било јасно предвидено во буџетот за 2026 година. Таа нагласи дека Министерството за финансии од самиот почеток транспарентно ги објасни потребите за сервисирање на долговите.
– И премиерот многу често повторува колкави се долговите што треба да се вратат годинава. Ако треба да вратиме две милијарди евра, не може да очекуваме дека ќе ги вратиме со една милијарда што издадовме обврзница. Од почеток беше предвидено да се обезбедат 300 милиони евра преку кредитирање – изјави Димитриеска-Кочоска на прес-конференција.
Таа појасни дека понудите од банките се со различна рочност и каматни стапки, а изборот ќе се темели на условите што ќе обезбедат најповолно сервисирање на обврските.
– Она што ќе одговора и што ќе биде најсоодветно за буџетот, тоа и ќе биде земено. Според информациите што ги имам, станува збор повторно за кредит, што ќе ни даде поволни услови и од аспект на рочноста и од аспект на каматната стапка. Мислам дека ќе биде повеќе синдициран заем, ретко може да биде кредит само од една банка – истакна министерката.
Со најавениот заем, Владата има цел да обезбеди ликвидност и навремено сервисирање на достасаните обврски, во услови кога годинава се предвидени значителни средства за отплата на долгови.