Министерката рече дека следи период на неизвесност и дека сега е рано што било да се каже, но дека може да се интервенира законски, како и со мерки на Владата и на Народната банка.
Државниот завод за статистика излезе со податоци за раст на БДП во последниот квартал од 2025 година и тој изнесува 3,8 проценти. Со овој податок се комплетира сликата за цела 2025 година. Стапката на раст на БДП во 2025 година во однос на 2024 година е 3,5 проценти.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска по објавувањето на податоците го изрази своето задоволство и рече дека пак сме меѓу најдобрите.
Поголем раст во четвртиот квартал од регионот имале само Малта, Кипар и Полска, а од поблиското опкружување Србија имала раст од 2,2, Хрватска 3,6, Бугарија 3 и Словенија 2 проценти.
Слична е и состојбата со годишниот раст од 3,5 проценти. Србија имала 2, Хрватска 3,2 проценти …
-Растот на економијата во 2025 година за Владата и за Министерството за финансии е најдобар показател дека и во услови на непредвидливост може да се креираат добри економски политики – рече Димитриеска Кочоска.
За четвртиот квартал, таа посочи дека најголем раст има во градежништвото од 14,6 проценти и претежно е поради активностите во нискоградбата.
Во врска со тензиите на Блискиот Исток, министерката рече дека следи период на неизвесност и дека сега е рано што било да се каже.
-Засега нема некој драматичен раст на цените на нафтата. Законот е јасен, точно се знае во кои услови може да се намали акцизата, ние такво искуство веќе сме имале – рече министерката.
Таа посочи и дека ако новите конфликти се продлабочат и ако е неопходно ќе има ребаланс на буџетот, а Владата и особено Народната банка, имаат можноси за разни мерки.