КОРЕКЦИЈА НА ОЧЕКУВАЊАТА ЗА КАПИТАЛНИОТ ПРОЕКТ – ОД „МЕХАНИЗАЦИЈА НАЕСЕН“ ДО „ТЕОРЕТСКИ МОЖЕ И ДА НЕ СЕ РЕАЛИЗИРА“
Од амбициозни најави за забрзана изградба и за механизација на терен, проектот „Брза пруга“ денес се соочува со отворени дилеми околу финансирањето и изборот на изведувач. Владата и натаму уверува дека останува во игра крајниот рок 2031 година, но динамиката на подготовките отвора прашања за реалната изводливост. Промената во реториката – од сигурност кон условеност упатува на посложена институционална и финансиска заднина од првично претставената
Проектот „Брза пруга“, кој го промовира Владата како стратешка инвестиција вредна околу 1,91 милијарда евра, влегува во нова фаза, но со нов тон на комуникација. Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, во најновото интервју признава дека проектот „теоретски може“ и да не се реализира, ако, на пример, не се јави изведувач на повикот. Оваа изјава доаѓа по една година во која јавноста слушаше значително пооптимистички најави – дека ќе биде механизацијата на терен уште есента 2025 година и дека процесот се движи динамично. Во текот на 2025 година, на повеќе настапи, Николоски најавуваше дека се движи проектот со засилено темпо, дека станува збор за нов модел на реализација – „пакет“ што опфаќа проектирање, изведба, заштита, оперирање и финансирање и дека токму тоа ќе овозможи да се избегнат долгогодишни застои, кои се типични за инфраструктурните проекти во земјава. Во тој контекст, беше посочено дека до есен ќе се види механизацијата на терен. Истовремено, Министерството за финансии во јуни испрати барања за кредитни понуди, а Министерството за транспорт распиша тендер за техничка документација.
Тогашната порака беше дека државата влегува во „нов модел“ на работа, во партнерство со Велика Британија и нејзиниот механизам за меѓународно финансирање UK Export Finance (UKEF), што треба да обезбеди поволни услови „како за Велика Британија, а не како за Македонија“.
Во најновото интервју, министерот ја релативизира претходната динамика. Наместо конкретен датум за избор на кредитор, пораката е дека „сè е жива материја“ и дека рокот е летото да се затворат студиите и истражувањата, по што наесен би можела да започне работата на терен.
Клучната разлика во однос на минатогодишната реторика е во отвореното признавање на можноста проектот и да не се реализира. Николоски наведува дека може да се случи тоа ако не се јави изведувач или ако не се исполнат условите.
Дополнително, тој признава дека кога бил политички договорен договорот и потпишан во Лондон, не бил „најeдуцираниот човек“ за тоа како функционира британскиот механизам, што индиректно упатува дека дел од сложеноста на процесот станала појасна дури по почетокот на спроведувањето.
Според министерот, изборот на изведувач ќе оди преку т.н. компетитивен дијалог, при што компаниите ќе треба да гарантираат дека ќе обезбедат 20-30 проценти британска компонента во проектот – услов поврзан со правилата на UKEF и со меѓународните извозни кредитни агенции.
Како пример за експертизата што ја добива Македонија, се посочува и британската компанија „Кросреил“ Лтд, поврзана со проектот „Elizabeth line“ во Лондон, која наводно ќе помага во процесот.
Министерот уверува дека токму британските правила гарантираат транспарентност, но одговорот на прашањето дали годинава ќе биде избран кредитор останува неизвесен. Дури и министерката за финансии, како што беше посочено во интервјуто, одговорила дека „не знае“.
Рокот 2031 година, како краен датум за завршување, формално останува непроменет. Но, со оглед дека веќе во март 2026 година нема избран кредитор, ниту започнати градежни работи, временската рамка станува сè потесна. Во тој контекст, изјавата дека проектот „теоретски може“ и да не се реализира претставува најјасен сигнал досега дека „брзата пруга“ влегува во фаза на поголема неизвесност и дека се приспособува политичкиот наратив на институционалната и на финансиската реалност.