Златото забележа остар пад од дури 4%, бидејќи силниот раст на американскиот долар изврши притисок врз пазарот на скапоцени метали, додека инвеститорите се повлекоа од ризичните инвестиции, пренесува „Фајненс“.
Цената на златото падна на најниско ниво од февруари, со што беа избришани добивките остварени по нападите на САД и Израел врз Иран за време на викендот. Инвеститорите ги пресметуваат можните инфлаторни ефекти од повисоките цени на нафтата, како и зголемената веројатност дека Федералните резерви на САД би можеле да ги намалат каматните стапки помалку од претходно очекуваното.
Падот во вторникот беше најголемиот еднодневен пад на цената на златото од крајот на јануари.
„Доколку притисокот за продажба продолжи, не може да се исклучи повлекување кон посилна зона на поддршка околу 5.000 долари“, изјави Дејвид Морисон, виш пазарен аналитичар во „Трејд Нејшн“.
Истовремено, индексот на американскиот долар – кој ја мери вредноста на доларот во однос на кошничка светски валути – се приближи до тримесечен максимум. Според Робин Брукс од Институтот „Брукингс“, ваквиот нагол раст на доларот може да има значајни последици за глобалните финансиски пазари.
Силен долар често ги принудува странските држави да продаваат американски државни обврзници за да ги стабилизираат сопствените валути. Тоа ги зголемува приносите на обврзниците и го прави златото помалку атрактивно за инвеститорите. Дополнително, посилниот долар ги прави златото и другите благородни метали поскапи за странските купувачи, што ја намалува побарувачката.
Падот ги зафати и останатите метали: среброто загуби 8%, платината 10%, а паладиумот 7%.