Комерцијална банка воведе нова програма за лојалност – BonusBox, наменета за корисниците на дебитната картичка Debit Mastercard World. Со оваа бесплатна програма, секоја трансакција со картичката станува повредна, бидејќи корисниците можат да собираат поени и да ги заменат за различни бенефити.

Откако ќе се регистрираат во програмата, клиентите почнуваат да заработуваат поени при секое плаќање со нивната Debit Mastercard World картичка, без разлика дали трансакцијата е на продажно место или онлајн. За секои 1.000 денари направен промет со картичката се добиваат 10 поени, кои се евидентираат на корисничката сметка во рок од седум работни дена.

Собраните поени можат да се искористат на повеќе начини. Корисниците можат да ги заменат за поврат на средства на картичката, да плаќаат со поени или да изберат подарок-картичка за шопинг во Skopje City Mall или во East Gate Mall. За поврат на средства на картичка потребни се најмалку 4.000 поени, со што се добиваат 300 денари. За плаќање со поени, како индиректен поврат на средства, се потребни минимум 3.000 поени за 300 денари, додека за подарок-картичка потребни се најмалку 10.000 поени за вредност од 1.000 денари.

При користење на опцијата за поврат на средства на картичката може да се искористат најмногу 75 проценти од акумулираните поени, додека кај плаќањето со поени и подарок-картичките може да се искористат 100 проценти од поените.

Регистрацијата во програмата е едноставна и се врши преку платформата BonusBox. Корисниците треба да ја регистрираат својата Debit Mastercard World картичка, да внесат e-mail адреса, да креираат лозинка и да ги прифатат условите на програмата. Програмата е наменета за сите полнолетни корисници на оваа дебитна картичка издадена од Комерцијална банка.

Со BonusBox, банката им овозможува на клиентите дополнителни придобивки и награди за нивната лојалност и за секојдневното користење на картичката.