РАБОТНИЧКО НЕЗАДОВОЛСТВО НА ПРОЕКТОТ ЗА КОРИДОРОТ 8

Вработените тврдат дека останале без работа прекуноќ и бараат да бидат прогласени за технолошки вишок, додека Владата и компанијата уверуваат дека редовно се исплатени сите фактури

 

Педесетина работници ангажирани на изградбата на автопатските делници од Коридорот 8 во саботата протестираа пред влезот на кампот на компанијата „Бехтел и Енка“ во близина на автопатот Тетово – Гостивар, откако добиле отказ без претходна најава.

Според нивните тврдења, отпуштањето се случило ненадејно, иако дел од нив имаат важечки договори за работа што траат уште неколку месеци. Работниците велат дека им било соопштено на капијата на кампот дека ќе бидат отпуштени бидејќи, наводно, државата не префрлила средства за проектот.

– Еден ден претходно нè известуваат дека има вишок работници и доаѓа листа да нè избркаат од работа. Само ние од Македонија сме отпуштени, а странските работници останаа. Во договорот пишува дека треба да има 30 дена отказен рок за да можеме да најдеме друга работа – рече еден од работниците, кој посочи дека има договор до 17 јуни 2026 година.

Друг отпуштен работник посведочи дека го добиле известувањето за отказ веднаш по доаѓањето на работа.

– Ни рекоа да потпишеме документи и дека тука завршува нашата работа. Ова е прва тура, околу 40-50 луѓе. Нема никаква најава, ниту отказен рок – изјави тој, додавајќи дека работниците чекаат официјално објаснување дали е поврзана причината со државата или со компанијата.

Работниците побараа да бидат прогласени за технолошки вишок за да може да ги остварат своите социјални права, како и исплата на барем минимална плата додека им траат договорите.

Од Министерството за транспорт и врски реагираа со соопштение во кое посочуваат дека Владата навремено ги исплатила сите финансиски обврски кон изведувачот. Потегот со отпуштањето на работниците го оценија како нечесен однос кон вработените.

– До овој момент, сите финансиски ситуации за извршени работи се навремено и целосно исплатени кон изведувачот од страна на Владата – информираа од Министерството.

Во соопштението се додава дека ангажирањето работници, подизведувачи, машини и опрема е исклучива обврска на изведувачот „Бехтел и Енка“, а не на Владата, Министерството или на Јавното претпријатие за државни патишта. Оттаму нагласуваат дека се одвива проектот според предвидената динамика и дека не се очекуваат проблеми со неговата реализација.

Од компанијата „Бехтел и Енка“ во писмен одговор потврдија дека сите фактури досега се целосно исплатени од страна на Владата и дека проектот бележи добар напредок. Оттаму истакнуваат дека компанијата има долгогодишно искуство во изградба на автопатишта во Централна и во Источна Европа и дека им дава приоритет на локалната работна сила и на поддршката на локалните заедници.

– Горди сме на нашето наследство во Централна и во Источна Европа, испорачувајќи стотици километри големи автопатишта, давајќи им приоритет на локалните работници и поддржувајќи ги локалните заедници и бизниси. Тесно соработуваме со Владата за да ги усогласиме градежните активности со националните приоритети. Ова вклучува и усогласување на бројот на работници во различни фази од проектот за да се задоволат оперативните потреби – изјавија од компанијата.

И покрај тоа што уверуваат институциите и изведувачот дека се исполнети финансиските обврски и дека продолжува проектот според планот, отпуштените работници остануваат без одговор зошто останале без работа прекуноќ. Тие најавуваат дека ќе бараат институционална заштита на своите работнички права.