На средбата со Советот на странски инвеститори, премиерот Мицкоски ја потврди одлуката за законско зголемување на минималната плата, која ќе се реализира со исплатата во април.

Клучните поенти што им ги пренесе на директорите на странските компании во врска со минималната плата се дека новиот износ останува тој што го предвидува законското решение за усогласување според кое минималната плата се зголемува за 1.667 денари и ќе изнесува над 26.000 денари. Зголемените плати работниците ќе ги добијат во април 2026 година.

Странските инвеститори, се разбира, го потврдија сојузништвото со Владата за незголемувањето на минималната плата како што бараа најголемиот синдикат во земјата, но за возврат, на маса го ставија и прашањето за исплатата на државната помош што лани доцнеше прв пат откако оваа практика за поддршка на странските инвестиции беше воведена кај нас.

Странските инвеститори во земјава исто така издејствуваа пониски царински стапки, односно за усогласување на царинските стапки со оние во Европската унија. Овој процес, кој започна претходно, предвидува до 1 јули 2025 година намалување на царинските стапки за 50 отсто од разликата меѓу македонските и европските стапки за околу 70 стоки (суровини и репроматеријали), а после тоа, од 1 јули натаму и дополнително намалување на царинските стапки за 50 отсто, со што се очекува целосна хармонизација и изедначување на условите за работа со оние во ЕУ.

На првиот квартален состанок за 2026 година, одржан во Стопанската комора на Македонија, претставниците на Советот на странски инвеститори и премиерот Христијан Мицкоски разговараа за состојбата во економијата. Клучниот наод од најновата анкета, која опфати 47 компании со околу 40.000 вработени, е дека 55 отсто од странските инвеститори се подготвени повторно да инвестираат во земјата. Ова претставува значаен пораст од 13 процентни поени во споредба со резултатите од 2024 година, што според власта и бизнис секторот укажува на постепена консолидација на македонската економија и покрај глобалните неизвесности.