ВЛАДАТА ПОВИКУВА ЗА ФЕР ЦЕНИ, НА ТРГОВЦИТЕ НЕ ИМ СЕ СЛУША
По новото поскапување на горивата, маркетите поитаа повторно да ги покачат цените, иако реалните трошоци сè уште не се прелеани во малопродажбата. Граѓаните реагираат за ценовните шокови и се сомневаат дека трговците ја користат ситуацијата за дополнителен профит. Владата апелира за фер цени и предупредува дека ќе реагира доколку има неоправдан раст, но засега конкретни мерки нема.
Oд ОКТА денеска соопштија дека претходно најавениот попуст е применет за сите трговци на големо и мало кои набавуваат горива од ОКТА, но дека трговците на големо и мало, имаат целосна слобода самостојно да ги одредат своите продажни цени на горивата.
Во меѓувреме, растот на цената на дизелот веќе најавува нов бран поскапување на храната и дополнителен удар врз домашниот буџет
Маркетите веднаш потрчаа да ги зголемат цените откако од денеска се на сила новите повисоки цени на бензините и на дизелот. Некои од маркетите денеска во попладневните часови правеа попис за да ги „приспособат“ цените, иако сè уште го нема реалниот ефект од новото поскапување на горивата.
Граѓаните се нервозни поради промените на цените, особено оние на основните прехранбени производи.
– Не можеш крајот да им го фатиш. Секој ден забележувам нови, повисоки цени. Ајс-кафето со млеко од половина литар во маркетите на КАМ до пред две недели, односно пред овие турбуленции со горивата, беше 50 денари и таа цена беше со месеци. По првото поскапување на горивата пред една недела, поскапи на 57 денари, а ќе видиме колку ќе му скокне цената по пописот – вели една жителка од Аеродром.
Коментарите за поскапувањето ги вжештуваат социјалните мрежи. Се чудат зошто не реагира државата иако премиерот Христијан Мицкоски, по средбата со големите синџири маркети, рече дека државата нема да интервенира на пазарот без причина, но и дека нема да стои настрана ако се создаде притисок врз граѓаните, без реална основа.
– Треба да има фер цени. Трговците да не го користат моментот за да ги зголемат цените, затоа што нема реални причини за тоа – изјави Мицкоски.
– Искуството досега покажа дека профитот, а не стандардот на граѓаните, им е поважен на некои маркети, па го користат секој момент за да заработат повеќе. Ако дел од производите се набавени пред неколку месеци и се наоѓаат во магацините, зошто да растат цените? – прашуваат граѓаните.
Горивата набавени евтино, а продадени скапо
Исто така, има и граѓанска реакција за цените на горивата. Игор Ѓуровски пишува на „Фејсбук“ дека горивата што ги купуваме денес на бензинските пумпи се дестилирани од нафта што е испумпана пред повеќе месеци и е купена пред повеќе месеци, натоварена на танкер и пристигната во некоја од рафинериите што се наоѓаат во нашиот поширок регион.
– Рафинериите ја дестилирале таа нафта, а нашиве локални трговци, исто така, ги набавиле на големо горивата, односно бензините и дизелот, и ги складирале во своите резервоари во кои пред почетокот на војната сигурно се наоѓале количини што се мерат со стотици илјади тони. Тие горива, иако на големо се набавени по стари цени, само неколку дена по започнувањето на непријателствата, со одлука на Регулаторната комисија, поскапеа и почнаа да се продаваат по повисоки цени, со што компаниите што се занимаваат со овој бизнис денес рушат рекорди во профитабилност, и тоа на грбот на обичниот граѓанин, кој и претходно едвај врзуваше крај со крај – вели Ѓуровски.
Регулаторната комисија за енергетика, по најновата одлука за поскапување на горивата, ги потсети компаниите што продаваат нафтени деривати на бензинските пумпи дека се повикани од Владата да го применат договорениот попуст со набавувачот ОКТА од 2 денари за литар, со што сметаат дека ефектот од намалувањето ќе го почувствуваат граѓаните.
Од компанијата „Макпетрол“ информираа дека сè уште немаат добиено официјално известување за намалување на набавната цена на дизелот од набавувачот ОКТА, иако во јавноста се појавија такви информации. Компанијата посочува дека и понатаму пристигнуваат фактурите по постојните цени, без најавени попусти и смета дека укажувањата од Регулаторната комисија излегуваат надвор од нејзините надлежности.
– Огромна е веројатноста цените на суровата нафта и понатаму да растат. Тоа значи дека ако не се направат соодветни решенија, штети ќе трпат и граѓаните и целата економија – сметаат од „Макпетрол“ и, според нив, најсоодветно решение е замрзнување на набавните и на малопродажните цени на горивата, по примерот на некои европски земји, со цел да се избегнат дополнителни економски последици.
Oд ОКТА денеска соопштија дека претходно најавениот попуст е применет за сите трговци на големо и мало кои набавуваат горива од ОКТА.
– Оваа придобивка е обезбедена преку кредитни одобренија издадени на 13 март 2026 или директно е пресметана во фактурите за продажба издадени на 16 март 2026, со што се овозможува негова целосна практична примена. Иницијативата е доброволна и им овозможува на трговците да ја пренесат придобивката на крајните потрошувачи. Сепак, трговците на големо и мало, имаат целосна слобода самостојно да ги одредат своите продажни цени – велат од ОКТА.
Следува нов бран поскапување на храната
Земјоделците од регионот алармираат дека растот на цената на дизелот директно ќе се одрази врз цените на храната, особено во пресрет на пролетната сеидба. Велат дека досегашното зголемување на цената на дизелот веќе претставува сериозен удар врз буџетите на производителите. Според нивните пресметки, за обработка на околу десет хектари земја, потребни се од 2.000 до 2.500 евра за гориво.
Тие велат дека веќе работат на границата на исплатливост и дека секое ново поскапување на дизелот дополнително им ја влошува ситуацијата. Сепак, предупредуваат дека со евентуален недостиг на гориво би било особено критично во периодот кога се земјоделските активности во полн ек. Според нив, со зголемените трошоци за гориво, постои ризик сезоната да биде изгубена и тоа неизбежно ќе ја поскапи храната и во регионот и во Европа.
Политички реакции: предлог-мерки и меѓусебни обвинувања
Двете големи опозициски партии, СДСМ и ДУИ, најавуваат пакет закони за намалување на последиците од кризата, кои ќе ги достават до Собранието. Од СДСМ бараат намалување на ДДВ за горивата на 5 проценти, намалување на акцизите за 4 денари, укинување на ДДВ за основните прехранбени производи и поевтинување на патарините.
– За само една недела, по првиот скок на цените на горивата, согласно со просечната потрошувачка на деривати, граѓаните платија три милиони евра повеќе само со покачување на цената на дериватите. Со новото поскапување, граѓаните неделно ќе ги чини 4,5 милиони евра повеќе, пари што ќе бидат одземени од граѓаните и од компаниите – истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој рече дека Владата досега не покажала ни најмалку слух да се прифатат предлозите на СДСМ и да донесе мерки за намалување на цените на горивата.
– Владата мора да реагира и мора да ги прифати овие закони, затоа што народот, едноставно, во оваа криза нема да може да се прехрани – рече Филипче.
Од друга страна, ДУИ бара разрешување на министерот за економија, оценувајќи дека Владата нема план за справување со ценовниот шок. Од партијата предупредуваат дека, без итни мерки, цените може да пораснат за повеќе од 10 проценти.
– Во државата нема функционално Министерство за економија, кое се занимава со економската криза. Владата треба веднаш да го разреши министерот за економија, кој очигледно нема ниту визија ниту план за справување со економската криза – велат од ДУИ.
ДУИ потсетува на пакетот предлози презентиран пред една недела, кој има цел да ублажи нов ценовен шок. Оттаму ја повикуваат Владата сериозно да ги разгледа тие предлози и дека од ДУИ ќе добијат поддршка доколку се процесуираат и усвојат во Собранието. Од ДУИ предупредуваат и дека доколку итно не се спроведат предложените мерки, цените може да се зголемат и за повеќе од 10 отсто, што сериозно ќе го оптовари буџетот на граѓаните во земјава.
Пред една недела, ДУИ ѝ предложија на власта мерки за спречување злоупотреби и намалување на цените во услови на криза, особено поради претстојните празници Бајрам и Велигден. Дел од мерките се да се воведат максимални цени на основните прехранбени производи или да се ограничат трговските маржи и да се намали ДДВ за основните производи за период од три месеци. До Регулаторната комисија за енергетика, пак, апелираат најмалку двапати неделно да има разгледување на цените на нафтените деривати, имајќи ги предвид промените на меѓународните берзи. Оттаму бараат и зголемување на минималната плата од март за најмалку 3.500 денари, наместо предвидените 1.600 денари.
Светот штеди гориво: рестрикции и нови правила
Паралелно, некои азиски земји веќе воведуваат рестрикции за потрошувачката на гориво. Се применуваат мерки како системот „пар – непар“, работа од дома и дури неработни денови, со цел да се ублажи ударот од глобалната енергетска криза.
Шри Ланка ја прогласи секоја среда за неработен ден за да заштеди гориво, а возачите сега се должни да се регистрираат за национална картичка за гориво што ја ограничува количината на гориво што можат да ja купат. Во Мјанмар, на приватните возила им е дозволено да возат само во наизменични денови, во зависност од регистарската табличка. Бангладеш воведе планирани прекини на електричната енергија низ целата земја за да заштеди енергија. На Филипините, некои државни институции воведоа обврска вработените да работат од дома барем еден ден во неделата.
