Пакување со 10 јајца поскапо за 10 денари, шише зејтин за 8 до 9 денари, домат поскап за 90 денари од килограм, шеќер за 10 денари. Ова се само дел од поскапувањата што ги забележа „Слободен печат“ по маркетите и тоа само неколку дена по драстичното зголемување на цените на нафтените деривати. Вработените во маркетите велат дека нови цени имаат и гравот и леќата, кои се поскапи во просек за 5 до 8 денари, а печурките се поскапи за цели 80 денари од пакување. Растот на цените на основните прехранбени производи повторно го отвора прашањето за инфлацијата и животниот стандард во Македонија.
– Најголем раст на цени се гледа кај основните животни намирници како маслото за јадење, брашното и јајцата. Месото е по стара цена, но поради постот многу малку се купува. Кога има голема понуда, цените не се зголемуваат. Исто е и со цената на сувомесните производи. Вистинскиот скок на цени се очекува околу велигденските празници кога ќе заврши постот и ќе почнат да се купуваат месо, млечни и сувомесни производи – велат во еден скопски маркет.
Од таму објаснуваат дека скокот на цените се очекува да продолжи и од следната недела кога доаѓа нова стока, посебно од увоз, бидејќи во моментот се трошат залихите што ги имаат трговците по магацините.
Изгор цени и на пазарите
Обошјето и зеленчукот на пазарите се со повисоки цени. Периодов речиси и да нема домашни раноградинарски производи, па на тезгите се продава овошје и зеленчук од Грција, Турција и Албанија. Во моментов цената на килограм свежи краставици се движи од 120 до 160 денари, а доматите се со цена која достигнува и 250 денари за килограм розов домат. Малку поевтин е спанаќот што се продава за 80 денари килограм, додека зелената салата може да ја најдете и по цена од 50 денари за парче. Увозната ајсберг салата, која е пакувана во целофан и личи на млада зелка, достигна 200 денари за парче, компирот чини 40 и 50 денари, а така се продаваат и морковите.
Економистите предупредуваат дека зад овој тренд стојат повеќе фактори, меѓу кои се и растот на цените на енергенсите на светските пазари, повисоките транспортни трошоци и зголемените производствени трошоци.
Движењата на цената на нафтата и природниот гас имаат силно влијание врз ценовната стабилност во земјата, бидејќи голем дел од економијата директно или индиректно зависи од увоз на енергија. Кога растат цените на енергенсите, се зголемуваат и трошоците за производство, транспорт и складирање на храната, што на крај се одразува со повисоки цени на рафтовите во продавниците.