Трамп ги укина санкциите за дел од иранската нафта, во обид да го ограничи влијанието на војната во Блискиот Исток врз енергетските пазари. Домашните експерти препорачуваат владата да преземе мерки за ублажување на последиците по економијата и стандардот на граѓаните…
САД се обидуваат да ја стабилизираат цената на нафтата што достигна до 120 долари за барел, со едномесечно отстранување на санкциите за 140 милиони барели иранска нафта во транзит. Вашингтон повлече потег, домашните експерти оценуваат – мерката ќе има краткотраен ефект, долгорочниот притисок ќе остане, предупредува поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски.
Турбуленциите носат поскапување на горивата, превозот, храната – Миноски вели, владата треба да преземе мерки за ублажување на последиците по економијата и стандардот на граѓаните.
Меѓународната агенција за енергија предложи ослободување на 400 милиони барели од резервите и мерки за штедење на нафтата со работа од дома, намалување на брзината на автопатите, поголемо користење на јавен превоз, намалување на авионскиот сообраќај и користење на други алтернативни горива во домаќинствата.
„Нашиот свет се соочува со најголемиот предизвик за глобалната енергетска безбедност во историјата. Тој е многу поголем отколку што го имавме во 1970-тите со шоковите на цените на нафтата. Тој е исто така поголем од шокот на цените на природниот гас што го доживеавме по руската инвазија на Украина. И не се само нафтата и гасот, ѓубривата, петрохемикалиите, сите се соочуваат со големи проблеми. Затоа верувам дека светот сè уште не го разбирал добро енергетските предизвици со кои се соочуваме денес“, изјави Фатих Бирол – директор на Меѓународната агенција за енергија.
Од едномесечното кревање на ембаргото за иранската нафта во транспорт најмногу ќе имаат корист земјите во Азија, како Кина и Индија.