Спoред СДСМ, Владата нема конкретна стратегија за заштита на цените на основните прехранбени производи и додаваат дека без укинување или значително намалување на ДДВ на основните прехранбени производи, цените ќе продолжат да растат, а животниот стандард ќе продолжи да паѓа.

Спиралата на поскапувања веќе е во полн ек, а граѓаните секојдневно се соочуваат со сè потежок товар врз семејниот буџет. Ова денеска го истакнаа од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), посочувајќи дека растот на цените на горивата директно предизвика поскапување на основните прехранбени производи.

Според партиското соопштение, цените на основните прехранбени производи веќе достигнуваат високи нивоа и посочуваат дека маслото за јадење се продава за над 100 денари, јајцата се над 300 денари, а просечните цени на овошјето и на зеленчукот се над 100 денари за килограм.

„Ова е само почеток – еднаш зголемените цени веќе не се враќаат назад, а граѓаните секојдневно го чувствуваат тоа на својот семеен буџет“,

велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека владата предводена од Христијан Мицкоски три недели не презела соодветни чекори за да се спречи поскапувањето на горивата од 21 денар и со тоа директно ја активирала спиралата на поскапувања.

Тие додаваат дека денешното очекувано ново зголемување на цената на дериватите од 4 до 6 денари дополнително ќе ја влоши состојбата.

„Половичната мерка на владата на Мицкоски за намалување на ДДВ на горивата е задоцнета и нема да донесе реално олеснување за граѓаните“,

се додава во соопштението. 

Според СДСМ, Владата нема конкретна стратегија за заштита на цените на основните прехранбени производи и додаваат дека без укинување или значително намалување на ДДВ на основните прехранбени производи, цените ќе продолжат да растат, а животниот стандард ќе продолжи да паѓа.

Опозицијата обвинува дека со избегнување на мерките свесно се остава простор за профити на бизнис-структури блиски до ВМРО-ДПМНЕ.

Со цел да се заштити животниот стандард, СДСМ бара итно прифаќање на нивните предлози за нула отсто ДДВ за основните прехранбени производи и намалување на акцизите за горивата.

Без овие суштински решенија, според партијата, кризата само ќе се продлабочува.

Вчера Владата на вонредна седница донесе одлука за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто, што, според премиерот Христијан Мицкоски, треба да го ублажи скокот на цените на дериватите. Одлуката ќе стапи во сила в понеделник на полноќ, односно на 23 кон 24 март и ќе трае во наредните две недели.

Од друга страна, лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, ја оцени одлука на Владата како далеку задоцнета и неефикасна, наведувајќи дека нема да придонесе за реално намалување на горивата.