Одлуката за прогласување на кризна состојба на целата територија на државата е официјално објавена во „Службен весник“, со што таа и формално стапи на сила.
Ваквата одлука беше донесена на вчерашната вонредна владина седница, поради можноста од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати низ целата држава. Според официјалниот документ, кризата ќе трае 30 дена.
Целта на оваа мерка е да се овозможи побрзо и поефикасно спроведување на активности за справување со последиците, кои произлегуваат од актуелната состојба на Блискиот Исток. Во таа насока, се активира и Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој ќе биде во постојано заседавање и ќе ја следи реализацијата на мерките.
Истовремено, сите органи на државната управа се задолжени да преземат конкретни чекори за надминување на состојбата и намалување на негативните ефекти.
Во рамки на кризата, Владата предлага и економска мерка – намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти, со цел да се ублажи ценовниот притисок врз граѓаните и стопанството.