Не ја владеат материјата и тоа што го кажуваат е спротивно на вистината. Вака премиерот Христијан Мицкоски одговори на обвинувањата на Демократската унија за интеграција дека од почетокот на годинава се потрошени 24,3 милиони евра за увоз на струја.
„Тоа е добро што излегоа од оние пранги на национализам, на етно политика на фолклор и така натаму и што конечно ги интересираат реалните теми на граѓаните. Но лошото е што не бараат добро, не ја владеат материјата и тоа што го кажуваат е спротивно на вистината, затоа што денеска ЕСМ односно поранешно ЕЛЕМ во текот на ноќните часови извезува односно продава на берзите околу 850 мегават часови што дневно на компанијата и носи додадена вредност меѓу 100 и 150.000 евра“, рече Христијан Мицкоски.
Премиерот објаснува дека постојат периоди од годината кога се увезува струја. Според него би било лошо компанијата да не превзема електрична енергија од берзата кога е нула или минус, а да произведуваме електрична енергија од акумулациите.
Од ДУИ пак обвинија дека бројките јасно покажуваат дека ЕСМ немаат доволен производствен капацитет за да ги покријат потребите на регулираниот пазар, што директно пак води кон зголемен притисок врз цената на електрична енергија за граѓаните.
„Во јануари се набавени 104.160 мегават часови по цена од 119, 50 евра за мегават-час или вкупно 12.447.120 евра. Во февруари 94.080 мегават-часа по цена од 126,90 евра за мегават-час или вкупно 11.938.752 евра“, велат од ДУИ.
Електроенергетскиот систем, како што велат од ДУИ, се соочува со сериозни предизвици, а последиците од недомаќинското и нестручното управување ќе ги сносат граѓаните преку зголемени фактури.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера прашан за евентуално ослободување на резервите на мазут за производство на струја, кажа оти на владина седница ќе се разгледувало и тоа. Денеска со одговор тие се ослободени и нема никаков проблем.
„АД ЕСМ има одлука од страна на владата уште во декември месец и некаде околу 3.000, 3.200 тони стојат на располагање. Согласно потребите така и тие ќе се однесуваат. Инаку тие се ослободени не е никаков проблем“, вели Христијан Мицкоски.
Според познавачите пак Владата сега мора да прогласи пак кризна состојба за снабдување со струја,како во декември лани кога поради блокадите на грчките земјоделци беше отежната набавката на мазут за да може АД ЕСМ да ги користи останатите околу 3.000 тони мазут од државните резерви. Сега сме во триесетдневна кризна состојба за снабудување со нафта и нафтени деривати.