Порастот на цената на нафтата, воените тензии на Блискиот Исток ќе ги зголемат и цените во туризмот. Наместо пад на патувањата, се очекува пренасочување на туристите кон побезбедни дестинации, меѓу кои Европа, Балканот и Македонија.

Порастот на цената на нафтата поради воените тензии на Блискиот Исток ќе се почувствува и во туризмот. Експертите прогнозираат, нов бран поскапувања на туристичките услуги, пред стартот на летната сезона.

Очекувањата се умерен корекција на цените на сместувањето, храната и пијалаци во угостителските објекти.

„Како што можеме да забележиме, веќе имаме нов бран на поскапување на одредени производи и туристички услуги. Секако дека случувањата на Блискиот Исток имаат голема реперкусија врз тоа. Единствено што олеснува е тоа што по короната веќе сме навикнати на вакви драстични и значајни промени кои го нарушуваат секојдневниот план“, изјави Челик Асим, туристички работник.

Додека едни пазари губат – други добиваат туристи. Откажувањата во делови од Блискиот Исток и источниот Медитеран го пренасочуваат интересот кон Европа, а Балканот и земјава може да забележат пораст на туристи.

„Сите тие случувања на Блискиот Исток не значат дека туристичките дестинации ќе исчезнат, туку дека туристите ќе се пренасочат кон други, побезбедни места. Се надевам дека и Балканот, односно Македонија, ќе биде дел од тоа, како што е случај и во моментов“, изјави Челик Асим, туристички работник.

Според податоците на Државниот завод за статистика, цените на угостителските услуги веќе бележат раст, во периодот јануари – февруари годинава, се зголемени за 3.3%, во однос на истиот период лани.