Управата за јавни приходи започнува засилени контроли насочени кон даночни обврзници кои вршат дејност и остваруваат промет без регистриран фискален систем, со цел сузбивање на сивата економија и зајакнување на фискалната дисциплина.
Според податоците на УЈП, 6.451 активен субјект со вработени нема фискален уред, при што 3.115 од нив се регистрирани и како обврзници за ДДВ. Дополнително, ќе се вршат проверки кај уште 13.966 субјекти без фискални уреди, за да се утврди дали имаат деловна активност.
Контролите ќе бидат фокусирани на дејности каде најчесто се вршат готовински плаќања, како што се трговијата, угостителството, туристичките услуги и други услужни дејности.
Од УЈП потсетуваат дека секој даночен обврзник е должен да воведе фискален апарат или систем, да го регистрира пред почетокот на работа и да издава фискална сметка за секоја извршена услуга или продажба.
За непочитување на овие законски обврски се предвидени глоби, како и мерка за затворање на објект, а во одредени случаи може да се покрене и кривична постапка.
Од институцијата апелираат до сите субјекти кои немаат воведено фискален систем навремено да се усогласат со законските прописи и да обезбедат транспарентно и законско работење.