Претседателот на Федералната резервна банка на Њујорк, Џон Вилијамс, оцени дека актуелната монетарна политика на САД е соодветно поставена за справување со зголемените економски ризици, и покрај неизвесноста предизвикана од конфликтот на Блискиот Исток.
Во обраќање на економски настан, Вилијамс истакна дека светот се соочува со „невообичаени околности“, но нагласи дека политиката на ФЕД е доволно флексибилна за да одржи рамнотежа меѓу целите за стабилност на цените и максимална вработеност.
Според него, војната на Блискиот Исток веќе има економски последици, особено преку раст на цените на енергенсите и нарушувања во синџирите на снабдување. Ова, како што посочи, најверојатно ќе доведе до зголемување на инфлацијата на краток рок.
„Значителниот раст на цените на енергијата ќе ја поттикне инфлацијата во наредните месеци“, рече Вилијамс, додавајќи дека дел од тие притисоци може да се намалат доколку дојде до смирување на конфликтот.
Тој не најави непосредни промени во каматната политика, но предупреди дека ризиците за економските цели се зголемени. Истовремено, истакна дека идните одлуки ќе зависат од економските податоци во наредниот период.
Во меѓувреме, финансиските пазари внимателно ги следат сигналите од ФЕД, при што дел од инвеститорите очекуваат можни намалувања на каматните стапки во текот на годината, иако инфлацијата останува над целното ниво од 2%.
Федералните резерви неодамна ја задржаа основната каматна стапка во опсег од 3,5% до 3,75%, со проекција за евентуално намалување во текот на 2026 година.
Вилијамс прогнозира дека економскиот раст ќе достигне околу 2,5% оваа година, додека инфлацијата може да се искачи до 2,75%, пред повторно да се врати кон целните 2% во 2027 година. Истовремено, се очекува постепено подобрување на состојбата на пазарот на трудот.