Цените на вештачките ѓубрива на светските берзи, но и кај нас, бележат вртоглав раст. Додека трошоците за производство се зголемуваат, земјоделците стравуваат дека годинашниот принос ќе биде драстично намален или дека ќе работат со огромни загуби.

Поскапувањето на енергенсите и нарушените синџири на снабдување повторно ја брануваат агро-индустријата. Вештачките ѓубрива, кои се клучни за квалитетен род, сега се продаваат по цени кои за многумина се недостижни.

Но проблемот со поскапувањето на вештачките ѓубрива се прелева и во овоштарството, што е уште покомплексно бидејќи овошките се повеќегодишни насади кои бараат континуирана прихрана за да дадат род воопшто.

Ова значи дека македонското овошје, кое веќе се бори со силната конкуренција од увозот, годинава ќе има уште повисока производствена цена која тешко ќе ја платат домашните потрошувачи.

Агрономите укажуваат дека доколку не се интервенира, многу овоштари може да одлучат воопшто да не ги третираат насадите, што би значело десеткуван род и трајно оштетување на повеќегодишните насади.