Лебот нема да поскапе. Ова е епилогот од денешната средба меѓу претставниците на мелничко-пекарската индустрија и коморите, со заменик министерот Марјан Ристески и со директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски.
Властите ќе ја следат состојбата и доколку дојде до нов раст на цените на нафтата и енергенсите, заедно со мелничарите и пекарите ќе бараат решенија за да се спречат поскапувања. Мелничарите и пекарите уверуваат дека сѐ е под контрола, а медиумите и политичарите да не создавале непотребна паника и несигурност кај граѓаните со начинот на кој ја третираат оваа тема.
„Состојбата со цените на лебот и пецивата е под контрола и тие не се покачени во 99 % во државата. Како општествено одговорна индустрија, преставниците и членовите на Коморите од мелничко пекарската индустрија одлучија цените на лебот и пецивата да не се покачуваат, односно, да останат на исто ниво и во следниот период, до крајот на април, при што состојбите континуирано што ќе се следат и ќе се анализираат.“
Во исто време, бизнисот е загрижен домашната економија да не влезе во стагфлација. Според Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи, ваквите кризни услови носат ризик од забавување на растот и дополнително засилување на инфлацијата. Тој предупредува дека клучно ќе биде колку долго ќе трае геополитичката неизвесност, особено конфликтите на Блискиот Исток.
Кризата најмногу ќе ја почувствуваат работниците, дециден е првиот човек на ССМ Слободан Трендафилов. Според него, постојните мерки не се доволни и потребни се нови, директно насочени кон заштита на животниот стандард на најранливите категории. Тој смета дека иако намалувањето на ДДВ за горивата дало одреден ефект, растот на цените на светските берзи бара поагресивен пристап.
И додека на терен цените секојдневно растат, од Владата уверуваат дека внимателно ја следат состојбата, но засега не најавуваат нови интервенции. Во својот најнов извештај вчера ММФ прогнозира намален раст на БДП и повсока инфлација за македонската економија годинава од онаа која ја проектираше владата.