Управата за јавни приходи (УЈП) најави организирање обуки за студентите кои работат во странство, со цел подобро да ги разберат своите даночни обврски и права.
Од институцијата информираат дека обуките ќе започнат од понеделник, по средбата меѓу директорката Елена Петрова и претставниците на Универзитетското собрание на студенти при УКИМ (УСС – УКИМ), Ангела Василевска и Адам Стојановски.
Целта, како што посочуваат од УЈП, е да се поттикне поголема информираност кај младите и да се изгради одговорен однос кон исполнувањето на даночните обврски.
Обуките ќе бидат насочени кон студентите кои учествуваат во програмата „Ворк енд травел“, а покрај нив ќе бидат подготвени и видео-материјали и информативни флаери. Дел од овие материјали ќе бидат изработени во соработка со студентските претставници.
Од УЈП потенцираат дека студентите кои не побарале поврат на данок за заработката во странство имаат можност да обезбедат потврда за резидентност, што им овозможува да го остварат тоа право во земјите со кои Македонија има договор за избегнување на двојно оданочување.
На средбата било разговарано и за можностите за олеснување на плаќањето на даночните обврски по нивното доспевање.
Претставниците на УСС – УКИМ предложиле и формирање работна група која би работела на измени во законите што се однесуваат на студентите и нивниот даночен третман при работа во странство.
Од УЈП информираат дека законскиот рок за плаќање на данокот за приходи остварени во 2025 година е до 30 јуни 2026 година.
Воедно, институцијата апелира студентите редовно да се информираат преку официјалните канали, каде веќе се објавени насоки за оданочување на приходи од странство.