Светот изгуби непроизведена сурова нафта во вредност од над 50 милијарди долари откако започна војната со Иран пред речиси 50 дена, а ефектите од кризата ќе се чувствуваат со месеци, па дури и со години, според аналитичарите и пресметките на Ројтерс.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во петокот изјави дека Ормутскиот теснец е отворен по постигнатиот договор за прекин на огнот во Либан, додека американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека верува оти договор за завршување на војната со Иран ќе дојде „наскоро“, иако времето останува нејасно.
Откако започна кризата кон крајот на февруари, повеќе од 500 милиони барели сурова нафта и кондензат се отстранети од глобалниот пазар, според Кплер (приватна компанија за аналитика и податоци што ги следи пазарите на енергија и стоки, особено нафта, гас и превоз) – најголемото нарушување на снабдувањето со енергија во модерната историја.
Со други зборови, 500 милиони барели нафта изгубени на пазарот се еквивалентни на: намалување на глобалната побарувачка за воздушен сообраќај за 10 недели, целосно исклучување на патниот сообраќај низ целиот свет за 11 дена или недостаток на нафта за глобалната економија во период од пет дена, рече Иан Муат, главен аналитичар во „Вуд Мекензи“, но и побарувачката за нафта во Соединетите Американски Држави за речиси еден месец, или повеќе од вкупна потрошувачка на нафта во Европа за еден месец, според проценките на „Ројтерс“, шест години потрошувачка на гориво од страна на американската војска, врз основа на годишна употреба од околу 80 милиони барели во фискалната 2021 година, како и доволно гориво за напојување на меѓународната бродска индустрија во светот за околу четири месеци.
Земјите од Арапскиот Залив изгубија околу осум милиони барели дневно производство на сурова нафта во март, речиси исто како и комбинираното производство на „Ексон Мобил Корп“ и „Шеврон Корп“, двете најголеми нафтени компании во светот. Извозот на авионско гориво од Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Бахреин и Оман се намали од околу 19,6 милиони барели во февруари на само 4,1 милиони барели во март и април заедно, според „Кплер“. Според проценките на Ројтерс, таа загуба на извоз би била доволна за околу 20.000 повратни летови помеѓу аеродромот Џон Ф. Кенеди во Њујорк и аеродромот Хитроу во Лондон.
Со цени на сурова нафта во просек од околу 100 долари за барел од почетокот на конфликтот, изгубените количини претставуваат околу 50 милијарди долари изгубени приходи, рече Јоханес Раубал, виш аналитичар за сурова нафта во Кплер. Тоа е еквивалентно на намалување од 1% на годишниот бруто домашен производ на Германија, или приближно на комбинираниот БДП на помалите земји како Латвија или Естонија.
Иако иранскиот министер за надворешни работи Арагчи рече дека Ормутскиот теснец е отворен, се очекува закрепнувањето на производството и протокот на снабдување да биде бавно. Глобалните залихи на сурова нафта на копно се намалија за околу 45 милиони барели само во април, според Кплер. Од крајот на март, прекините во производството достигнаа околу 12 милиони барели дневно. Тешките нафтени полиња во Кувајт и Ирак би можеле да се вратат на нормални нивоа само за четири до пет месеци, што би продолжило да ги осиромашува залихите во текот на летото, рече Раубал. Штетата врз капацитетот за рафинирање и комплексот за течен природен гас Рас Лафан во Катар значи дека целосното обновување на енергетската инфраструктура во регионот би можело да потрае со години.