Министерот за транспорт Александар Николоски говорејќи за проектите на Коридор 8 изјави дека во моментов во процедура е изборот на изведувач заедно со ЕБОР на потегот од Букојчани до Кичево и додаде дека Кичево – Охрид е веќе при крај.

– Тоа е оној заборавен проект од кој сите се имаа откажано и ние како Влада кога бевме избрани решивме да го завршиме. Веќе 37 км се завршени, од кои 34 км се во функција, а очекуваме до крај на годината целиот да биде завршен. Она што останува е спојот на потегот од Струга до ГП Ќафасан. Тука имаме одредени предизвиици поврзани со УНЕСКО. Ќе разговараме со нив, не дали ќе има автопат, туку по која траса ќе оди решението и очекувам во јуни да имаме договори. ГП Ќафасан веќе го реконструиравме и во втора фаза ќе работиме на проширување – истакна Николоски.

Тој истакна дека за една година и девет месеци направиле многу повеќе, отколку која било влада претходно на автопатот Охрид-Кичево.

-Кога бевме избрани, дадовме заложба дека нема да го менуваме последниот рок кој што го даде претходната влада, а тоа е крaјот на оваа година и оваа година ќе го завршиме. Инаку овој автопат почна да се гради во февруари 2014 година што значи повеќе од 12 години се гради. Оваа Влада го гради една година и девет месеци и за тоа време напрaвивме многу повеќе отколку седум години на владата на Зоран Заев. Кога бевме ние избрани, не километар, метро асфалт немаше. Нам ни беше потребно околу три месеци да го проучиме и затоа велам дека овој период од една година и девет месеци постигнаме многу повеќе од било кој претходно. Минатото лето пуштивме 34 км делници и очекувам набрзо да пуштиме и нови. Најтешкиот дел го стабилизираме со галерии, нешто прв пат се гледаат во целиот регион, имаме 14 галерии во серија, што е огромен предизвик. Домашни фирми го прават тоа и покажуваме дека имаме капацитет како држава – истакна вицепремиерот.