Цените на ф’стаците, кои во Иран, Турција и Сицилија се познати како „зелено злато“, поради зголемената побарувачка и неможноста за извоз на ф’стаци од Иран, неодамна достигнаа осумгодишен максимум.
Во магацините низ Иран има големи количини ф’стаци, чиј извоз од земјата е запрен поради војната, а речиси целосниот прекин на интернетот во таа земја значи дека компанијата „Борна Фудс“, која снабдува некои од водечките британски трговци на мало, не може ниту да контактира со добавувачи, изјави директорот на таа компанија, Бехнам Хејдарипур.

„Флуктуациите на цените се екстремни и многу е тешко да се предвиди пазарот“, рече Хејдарипур, според Блумберг.

Иран е втор најголем производител на ф’стаци во светот, а конфликтот на Блискиот Исток го спречи нивниот извоз во време кога побарувачката за ф’стаци е зголемена, поради трендови како што е популарното чоколадо од Дубаи, чија главна состојка се ф’стаците.