Европската Унија и Европската инвестициска банка обезбедуваат финансиски пакет од 1,3 милијарди евра за поддршка на проекти за чиста енергија и за дигитализација на Западен Балкан и поширокиот регион, со цел забрзување на економскиот развој и на зелената транзиција. Средствата произлегуваат од нов договор меѓу Европската комисија и „ЕИБ Глобал“, со кој ќе се овозможи пристап до финансирањето за приватни партнери, мали и средни претпријатија, како и финансиски институции во земјите партнери на Унијата.
Иницијативата е поддржана со гаранција од 362 милиони евра, преку инструментот ЕФСД+, при што дел од средствата се наменети и за Западен Балкан. Покрај регионот, финансирањето ќе биде достапно и за источното соседство, Турција, како и за Блискиот Исток и за Северна Африка, во наредните три години.
Од ЕИБ посочуваат дека договорот ќе придонесе за зајакнување на економските врски меѓу ЕУ и партнерските земји, за подобрување на енергетската безбедност и за отворање нови работни места. Воедно, се очекува да даде голем поттик за развој на одржливата инфраструктура и на дигиталната поврзаност. Генералниот директор на „ЕИБ Глобал“, Ендру Мекдауел, изјави дека соработката со Европската комисија ќе овозможи јавните гаранции да се трансформираат во конкретни, приватни инвестиции.
– Ова ќе помогне да се забрзаат зелената и дигиталната транзиција во партнерските региони – истакна Мекдауел.
Европската комесарка Дубравка Шуица оцени дека договорот ја зајакнува финансиската рамка за проекти во рамките на Пактот за Медитеранот, додека комесарката за проширување, Марта Кос, нагласи дека иницијативата ќе донесе директни придобивки за економијата и за граѓаните во регионот.
Овој пакет е дел од стратегијата „Глобална порта“, со која Европската Унија има цел да мобилизира до 300 милијарди евра јавни и приватни инвестиции на глобално ниво до 2027 година, со фокус на одржливиот развој, инфраструктурата и на дигиталната трансформација.