Иако расте интересот за електронско банкарство, сепак се чини дека Македонците сè уште преферираат кеш. Лани од банкоматите подигнале 3,6 милијарди евра готовина, што е за дури 53 отсто повеќе од износот што го потрошиле плаќајќи со картичка на ПОС терминали (2,3 милијарди евра), покажува анализата на емисијата „Бизнис Објектив“.

Податоците од Народната банка покажуваат и дека Македонците лани потрошиле 470 милиони евра за плаќање онлајн. Евидентно е дека од година во година се зголемува користењето на дигиталните алатки.

„Електронското банкарство, според податоците со коишто располага Народната банка, во 2025-та во однос на 2024-та година бележи раст во извршување на плаќањата. На пример, кај бројот речиси 18%, а кај вредноста на извршените плаќања речиси 28%, кои што споредено со извршувањата на плаќањата на шалтер навистина е значително бидејќи кај шалтерите плаќањата растат помеѓу 1% и 3% за истиот период. Граѓаните ги прифаќаат придобивките од дигиталните канали бидејќи ја препознаваат користа. Станува збор за поудобни, за полесни, за поедноставни плаќања, а сигурни и евтини. И во таа смисла секако дека предничат помладите генерации. Присутна е и средната возраст на граѓаните, која што ги ползува придобивките од дигиталните канали, но сè почесто и повозрасните групи користат дигитални канали за извршување на плаќањата. И во тој контекст би напоменале дека е важна дигитализацијата, но важна е и довербата во сигурноста на тие дигитални канали бидејќи колку повеќе дигитализацијата има потреба да биде присутна тоа значи дека и стандардите за безбедност треба секако да бидат зголемени во тој аспект“, изјавила Билјана Доновска Гечева, директорка на Дирекцијата за платни системи во Народната банка.

Гледано според возраста, кај помладите лица има помала разлика меѓу готовината што ја вадат од банкомат и плаќањето со картичка. На пример, лицата на возраст од 25 до 34 години извадиле 509 милиони евра кеш, а во продавниците со картичка платиле вкупно 429 милиони евра. Слично е и кај категоријата 35-44 години, кои од банкомати извадиле над 700 милиони евра, а во продавница платиле 620 милиони евра.

Наспроти нив, повозрасните генерации и натаму повеќе практикуваат готовина. На пример, лицата на возраст од 65 до 74 години подигнале скоро двојно повеќе пари од банкомат отколку што плаќале со картичка на продажните места.