Средствата од програмата ИПАРД се повторно достапни – објави денеска на вонредна прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски откако во ноември лани Министерството за финансии времено ги стопира исплатите по корупцискиот скандал поврзан со распределба на ИПАРД средствата, во кој беше уапсен директорот на Агенцијата за финансиска поддршка.
Пристигна официјално известување од страна на Европската комисија, Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој, дека средствата од ИПАРД-програмата се повторно достапни за македонските земјоделци. Во согласностр со навреме преземените активности, направената целосна и детална контрола за користење на средствата од ИПАРД-програмата, утврдено е дека нема неправилности во постапките. Тоа значи дека системот функционира, институциите постапуваат одговорно, транспарентно и во интерес на македонските земјоделци – соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Тој на прес-конференција објасни дека Брисел никогаш не ги блокира средствата, туку дека во моментот кога излезе во јавност случајот со злоупотребата на претходниот директор на Платежната агенција, се активира националниот механизам, кој го извести Брисел.
- Го известивме Брисел дека е потребно да се изврши вонредна контрола со цел да не се дозволи да се фрли црна дамка, со што инициравме на транспарентен начин да се проверат сите активности поврзани со средствата од ИПАРД-фондовите. Тоа беше препознаено како одличен чекор од Брисел, со тоа што навремено се интервенира во оваа ситуација. Следуваше темелна проверка од ИПАРД-структурата по што се достави сеопфатна информација до европските институции во согласност со воспоставените процедури. Со ова сакам да ги демантирам и шпекулациите што тенденциозно се пласираа во јавноста од страна на опозицискиоит СДСМ. Сакајќи да создаде лажна слика, паника и револт кај македонските земјоделци, СДСМ тврдеше дека ИПАРД-средствата се блокирани, а земјоделците ќе останат без поддршка. Но денес, по којзнае кој пат, нивните лаги паѓаат повторно во вода – потенцира министерот.
Според него, вистината излезе на виделина.
- Додека СДСМ се служи со конструкции и е заглавен во старата матрица на ширење лаги, манипулации, мислејќи дека на тој начин ќе обезбеди некој политички поен, ние како Влада носиме резултати и обезбедуваме пари за нашите земјоделци. Во тоа е разликата помеѓу нас. Наместо политиканство и дезинформации, ние избравме транспарентност, соработка со европските институции и заштита на секој денар наменет за македонските земјоделци – рече Трипуновски.
Министерот упати порака до земјоделците – да продолжат да аплицираат, да инвестираат и да го развиваат нивното производство.
- Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство стојат позади вас. Продолжуваме со инвестиции, модернизација и развој на овој важен сектор за нашата држава. Ќе продолжиме со уште позасилено темпо да работиме посветено, чесно и одговорно, во интерес на граѓаните, со нулта толеранција за злоупотреби, со целосна транспарентност и со максимална поддршка за македонските земјоделци, нагласи министерот Трипуновски.