Европскиот парламент (ЕП) денеска изгласа барање за зголемување на следниот седумгодишен буџет на Европската Унија (ЕУ) за 10 отсто во однос на предлогот на Европската комисија (ЕК), со што вкупниот износ би надминал два билиони евра, а посебно ги издвои земјоделството, кохезијата, социјалната политика и конкурентноста како области за кои е неопходно зголемување на средствата.
Предлогот на Европската комисија предвидува буџет од 1,8 билиони евра за земјоделство, индустриски развој и меѓународна помош, со дополнителни околу 165 милијарди евра за отплата на заедничкиот долг настанат за време на закрепнувањето од пандемијата на Ковид-19, со што вкупниот износ достигнува 1,984 билиони евра.
Пратениците во Европскиот парламент во Стразбур го поддржаа зголемувањето на буџетот за периодот 2028-2034 година за дополнителни 200 милијарди евра, наменети за земјоделството, регионите и индустриската конкурентност.
Како што наведува бриселски „Политико“, за усвојување на одлуката гласале 370 пратеници, 201 бил против, додека 84 биле воздржани.
Оваа одлука, според појаснувањето на порталот, претставува вовед во „затегнати“ преговори со националните влади, додека поединечни членки, како Холандија и Германија, веќе порачаа дека сакаат помал буџет од оној што го предлага Европската комисија.
Парламентот исто така повика на попрецизно наменско распределување на средствата за програмите на ЕУ, како и воведување нови заеднички даноци на онлајн обложувањето, технолошките гиганти како Амазон и Гугл, како и на крипто компаниите.
Известувачот на Европскиот парламент за буџет, Зигфрид Мурешан од Европската народна партија, порача дека „не е можно да се направи повеќе со помалку“, додека другата известувачка на оваа тема Карла Таварес од групата на Социјалистите и демократите нагласи дека буџетот претставува „политичка мапа за иднината на Унијата“ и дека се потребни дополнителни средства за соочување со предизвиците.
Парламентот, прецизира „Еурактив“, предлага зголемување на издвојувањата за земјоделството, кохезијата и социјалната политика за дополнителни 103 милијарди евра, на вкупно 997 милијарди, како и зголемување на средствата за конкурентност за 70 милијарди, на 660 милијарди евра, вклучувајќи 200 милијарди за истражување и иновации.
За надворешни активности предвидени се дополнителни 24 милијарди евра, со што вкупниот износ би достигнал 239 милијарди.
Пратениците исто така го поддржаа повторното воведување посебни буџетски линии за земјоделството, кохезијата и социјалната политика, како и наменско финансирање на здравството и заштитата на животната средина.
Со ова гласање Европскиот парламент ја утврди преговарачката позиција пред разговорите со Советот на ЕУ и Европската комисија, со цел буџетот да биде усвоен до крајот на годината, иако се очекуваат тешки преговори во услови на ограничени национални буџети и геополитичка неизвесност, заклучува „Еурактив“.