Стравот од сценарио што економистите го нарекуваат стагфлација повторно се засилува во еврозоната. Најновите податоци укажуваат на влошување на економскиот амбиент – во април е забележан силен пад на економската доверба, додека растот на цените на енергенсите и геополитичката неизвесност по конфликтите во Иран дополнително ги оптоваруваат и граѓаните и компаниите.

Индексот на економско расположение падна на 93 поени, од 96,2 во март, што е најниско ниво од ноември 2020 година. Падот на довербата е присутен кај потрошувачите, претпријатијата и инвеститорите, што јасно укажува на сè поизразен ризик од забавување на европската економија.

Европа повторно се соочува со притисок од раст на цените на енергијата. Само пред неколку месеци се очекуваше смирување на инфлацијата и постепено олабавување на монетарната политика од страна на Европската централна банка. Сепак, новиот енергетски шок целосно ги менува очекувањата.

Растот на цените на нафтата и гасот не влијае само врз трошоците на домаќинствата, туку директно ги зголемува и цените на производството, транспортот и финансирањето низ целата економија. Така, енергетскиот проблем брзо се прелева во вкупната економија.

Европската комисија предупредува дека во април паднале и индексот на економски сентимент и индексот на очекувања за вработување, при што двата показатели се значително под долгорочниот просек од 100 поени. Тоа значи дека компаниите стануваат повнимателни кога станува збор за вработување, инвестиции и планови за раст.

Уште поголема причина за загриженост не е самиот пад на довербата, туку причините што стојат зад него. Инфлациските очекувања кај потрошувачите значително пораснале. Во април достигнале 49,1 поени, во споредба со 43,5 во претходниот месец, што е највисоко ниво од пролетта 2022 година, кога Европа беше под силно влијание на последиците од Ратот во Украина.

Тоа претставува сериозен предизвик за Европската централна банка, бидејќи инфлацијата не е само прашање на тековните цени, туку и на очекувањата на граѓаните за идното движење на цените. Кога луѓето веруваат дека инфлацијата ќе трае подолго, го менуваат своето однесување – трошат повнимателно, ги одложуваат поголемите купувања, вршат притисок врз растот на платите, а компаниите полесно ги зголемуваат цените. Токму тогаш инфлацијата станува поотпорна и потешко се става под контрола.

Според посебна анкета на Европската централна банка, очекувањата на потрошувачите за инфлација во наредните 12 месеци пораснале во март на 4%, додека еден месец претходно изнесувале 2,5%, што претставува нагол скок за краток период.

Во вакви услови, ризикот од стагфлација во еврозоната повторно станува реален. Проблемот за централната банка има две страни. Од една страна, економијата очигледно забавува – послабата доверба, повнимателното кредитирање и падот на активноста укажуваат на можност за дополнително слабеење на растот во текот на годината. Од друга страна, растот на инфлациските очекувања го ограничува просторот за поагресивно намалување на каматните стапки.

Европската централна банка повторно се наоѓа меѓу две неповолни опции – забавување на економијата и инфлација која не попушта доволно брзо. Сè повеќе индикатори го отвораат прашањето дали еврозоната влегува во фаза што потсетува на стагфлација, односно комбинација на слаб раст и упорна инфлација.

Во пракса, тоа значи можност за период во кој економскиот раст слабее, додека инфлациските очекувања истовремено се зголемуваат. Таквото сценарио е особено проблематично, бидејќи монетарната политика тогаш губи дел од својата ефикасност. Ако централната банка агресивно ги намали каматните стапки, постои ризик од нов инфлациски бран. Ако го задржи рестриктивниот пристап, дополнително ја притиска економијата.

Априлските податоци на Европската комисија укажуваат дека проблемот во еврозоната не е само краткорочен. Истовремено се појавуваат повеќе негативни фактори: раст на цените на енергијата, повнимателни потрошувачи, послаби очекувања кај компаниите и инфлација која побавно се става под контрола.

Ваквата комбинација и претходно ја забавувала европската економија, но разликата е што овојпат пазарите немаат исто ниво на сигурност дека монетарната политика брзо ќе го реши проблемот.