Кризата на Блискиот Исток ќе влијае и на економиите на Западен Балкан, па земјите во регионот ќе се соочат со забавен економски раст и зголемена инфлација оваа и следната година, предупреди Светската банка.

Во редовната шестмесечна регионална анализа објавена во Сараево се наведува дека се очекува „пригушен“ економски раст во текот на 2026 и 2027 година, под влијание на ефектите од прелевањето на конфликтот на Блискиот Исток, тврдоглавата инфлација и зголемената неизвесност.

Прогнозите на Светската банка за Западен Балкан покажуваат дека економскиот раст во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија ќе достигне 2,8 проценти во 2026 година, што е за 0,3 процентни поени под претходните проекции. Во 2027 година, се очекува регионалниот раст умерено да се забрза на 3,2 проценти.

Косово води, БиХ заостанува

Највисок раст на БДП од 3,9 проценти за оваа година е проектиран за Косово, а најнизок за БиХ, каде што треба да биде на ниво од 2,5 проценти. Косово, исто така, треба да има највисок раст на БДП во регионот во 2027 година, на ниво од 3,9 проценти, додека раст од три проценти е проектиран за БиХ, Северна Македонија и Србија.

За да се одржи моментумот на реформите во земјите од регионот, кои се соочуваат со недостиг на работна сила, ќе биде клучно да се зголеми учеството на активното население на пазарот на трудот, соопшти Светската банка.

Според овој извештај, населението на Западен Балкан старее побрзо од кое било друго место во Европа. Во текот на следната деценија, најмалку едно од пет лица во регионот ќе биде над 65 години, работното население заминува во потрага по подобри плати и перспективи во странство, а иако има недостиг на работна сила во клучните сектори, многу луѓе не работат или се откажале од барање работа.