ПроКредит Банка АД Скопје, во партнерство со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и со поддршка од Европската Унија, обезбеди нов финансиски пакет од 5 милиони евра за поддршка на бизниси предводени од жени и млади во Северна Македонија.
Средствата се распределени преку две кредитни линии од по 2,5 милиони евра, во рамки на програмите „Жени во бизнисот“ и „Млади во бизнисот“. Ова е втора соработка на банката во овие програми, со што се продолжува поддршката за микро, малите и средни претпријатија.
Финансирањето е наменето за компании управувани од жени, како и за бизниси основани или водени од млади лица до 35 години, категории кои често имаат ограничен пристап до финансиски ресурси. Целта е да се олесни пристапот до долгорочно финансирање и да се поттикне нивниот раст.
Програмата „Жени во бизнисот“ има за цел да го зајакне економското учество на жените, додека „Млади во бизнисот“ се фокусира на поддршка на нови и постоечки компании со потенцијал за развој. Очекувањата се дека средствата ќе придонесат за отворање нови работни места и зголемување на конкурентноста на компаниите.
Двете кредитни линии се поддржани од Европската Унија преку гаранции и техничка помош во рамки на програмата European Fund for Sustainable Development Plus (EFSD+), со што се намалува ризикот за инвестирање.
Од ПроКредит Банка велат дека очекуваат значителен интерес за новиот финансиски циклус, оценувајќи дека постои голем потенцијал за развој на квалитетни бизнис идеи во земјата.