| Ниската невработеност крeира длабока криза – решенијата бараат реформи, миграција и подобри услови за работа |
Европа се соочува со парадоксот на современиот пазар на трудот – додека невработеноста е на историски ниско ниво, бројот на неисполнети работни места брзо расте. Според проценките, во ЕУ моментално има околу 2,5 милиони слободни работни места, што сè повеќе ја оптоварува економијата и го забавува развојот.
Според податоците од Европската комисија, има недостиг од работници во десетици професии, а речиси две третини од малите и средни претпријатија не се во можност да најдат соодветен кадар. Посебен проблем е несовпаѓањето помеѓу образовниот систем и потребите на пазарот на трудот.
Едно од клучните решенија се гледа во олеснувањето на пристигнувањето на работна сила од надвор од ЕУ. Експертите истакнуваат дека Европа ќе мора да биде поактивна во привлекувањето странски работници преку поедноставени процедури и програми како што се „партнерства за таленти“.
Во исто време, се нагласува потребата од активирање на домашната работна сила, која во моментов е недоволно застапена. Ова ги вклучува постарите работници, жените, младите луѓе кои не се вработени или не се во образование, како и лицата со попреченост. Мерки како што се пофлексибилните пензиски правила и дополнителните програми за обука можат да ја зголемат вкупната вработеност.
Инвестирањето во образованието и преквалификацијата е исто така од големо значење. Европските институции сè повеќе инсистираат на развој на дигитални вештини и зајакнување на стручното образование, за да може работната сила да биде во чекор со потребите на модерната економија.
Експертите, исто така, предупредуваат дека проблемот не е само во бројот на работници, туку и во квалитетот на работните места. Ниските плати и лошите услови за работа во одредени сектори, како што се градежништвото и транспортот, ги одвраќаат потенцијалните вработени. Подобрувањето на условите за работа, преку подобро регулирано работно време и поголема заштита на работниците, се смета за клучен фактор за привлекување на работната сила.
Дополнителен потенцијал лежи во поголемата мобилност на работниците во рамките на ЕУ. Иако постои слободно движење, административните пречки и некоординираните системи продолжуваат да го отежнуваат наоѓањето работа во другите земји-членки. Дигитализацијата и поедноставувањето на процедурите би можеле значително да го забрзаат овој процес.
Заклучокот на експертите е јасен – не постои единствено решение за оваа криза. Само со комбинација на политики, од миграција и образование до подобрување на условите за работа и подобра организација на пазарот, Европа може да одговори на предизвикот на недостиг на работна сила и да обезбеди долгорочна економска стабилност.