Европската унија се соочува со рекорден број антидампинг апликации во хемискиот сектор, додека во исто време слабеењето на индустрискиот капацитет го доведува во прашање производството на основни лекови, вклучително и парацетамол, пишува „Фајненшл тајмс“ повикувајќи се на извори од секторот.
Според претставниците на ЕУ, во последните две години се покренати 24 антидампинг постапки против евтин увоз на хемиски супстанци, главно од Кина.
Тоа се клучни супстанции неопходни за индустриското производство, како што е лизинот, додека за некои производи останува само еден производител во ЕУ.
„Има огромен заостаток. Хемиските супстанции сега претставуваат речиси половина од новите случаи на заштита на трговијата“, изјави висок функционер на ЕУ за Фајненшл тајмс.
Растечкиот притисок на кинескиот извоз ја доведе европската хемиска индустрија до точка на кршење, предупреди Марко Менсинк, извршен директор на Цефик, нагласувајќи дека секторот дополнително е оптоварен со високите цени на енергијата и строгите регулативи.
Во исто време, затворањето на производствените капацитети во Европа веќе има конкретни последици, пишува весникот.
Според извештаите, во последните три години хемиската индустрија во ЕУ затворила околу седум отсто од својот капацитет, со забрзаното затворање на фабриките.
„Хемиското производство е намалено до тој степен што само една компанија може да произведува одредени лекови… ЕУ повеќе не може да произведува такви препарати како парацетамол“, рече Менсинк.
Покрај Кина, како извори на хемиски супстанци по дампинг цени се повеќе се појавуваат Соединетите Американски Држави и Саудиска Арабија, додека царинската политика на американскиот претседател Доналд Трамп дополнително ги пренасочува глобалните трговски текови, наведува Фајненшл тајмс.
„Она што порано одеше од Кина во САД сега доаѓа во Европа, а дел од стоките од САД исто така се пренасочуваат на европскиот пазар“, рече Менсинк.
Во обид да ја заштити домашната индустрија, ЕУ ги заостри механизмите за заштита на трговијата, вклучувајќи го и следењето на увозот за време на истрагите и можноста за ретроактивно воведување царини, што веќе има ефект на намалување на увозот, пишува весникот.
Сепак, дел од индустријата предупредува дека ваквите мерки може да имаат негативни последици, поскапиот увоз ги зголемува трошоците за производство и може да придонесе за поскапување на крајните потрошувачи.
Индустриското здружение „Цефиќ“ ја повика Европската комисија да преземе итни мерки, вклучително и ангажирање дополнителен персонал за обработка на апликациите и поодлучна примена на постоечките инструменти за заштита, предупредувајќи дека без тоа ЕУ може да стане зависна од увозот на клучни хемиски производи и лекови, пренесува Танјуг.