Кризата на Блискиот Исток притиска, последиците се чувствуваат. Народна Банка ги претстави најновите макроекономски проекции. Проекцијата за растот на БДП годинава е намалена на 3,5 проценти, инфлацијата ќе биде 4 отсто.
Во таква надворешна средина, домашната економија се проектира да остане стабилна. Народната банка очекува инфлацијата постепено да се стави под контрола: околу 4 проценти во 2026 година, со натамошно намалување на приближно 3 проценти во 2027 година. На среден рок, инфлацијата би требало да се врати блиску до историскиот просек од околу 2 проценти.
Позитивни сигнали доаѓаат и кај економската активност. Проекциите предвидуваат раст на бруто-домашниот производ од 3,5 проценти следната година, а дополнително забрзување на 3,8 проценти во 2027 година. Очекувањата се дека најсилен импулс ќе дадат инвестициите, пред сѐ преку инфраструктурните проекти и постепеното закрепнување на побарувачката од странство.
Сепак, економијата и натаму ќе чувствува притисок од надворешниот сектор. Тековната сметка во 2026 година се очекува да заврши со дефицит од околу 5,7 проценти од БДП, што главно се поврзува со повисоките трошоци за увоз на енергија и засилените инвестиции. Од Народната банка оценуваат дека во наредните години состојбата постепено ќе се подобрува, паралелно со стабилизирањето на финансиските текови.
Во меѓувреме, банкарскиот сектор продолжува да покажува висока отпорност. Кредитирањето во првиот квартал од годинава пораснало за 13,1 процент, додека депозитите бележат континуиран раст, показател дека довербата на граѓаните и компаниите во финансискиот систем останува стабилна. За периодот 2027-2028 година, централната банка очекува поумерено, но одржливо кредитно темпо од околу 7,4 проценти.
Од Народната банка порачуваат дека и во наредниот период ќе се води внимателна монетарна политика, со постојано следење на глобалните ризици, особено движењата на цените на суровините и геополитичките случувања. Народната банка уверува дека располага со доволно инструменти за зачувување на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс.