Војната со Иран ги зголемува трошоците за енергија и гориво, а економистите предупредуваат дека домаќинствата сè почесто ги користат заштедите за да ги покријат повисоките цени.
Војната со Иран почна директно да го притиска џебот на потрошувачите и во развиените економии, принудувајќи ги домаќинствата да ги намалуваат заштедите за да го задржат основниот животен стандард.
Главниот глобален економист на „УБС Велт менаџмент“, Пол Донован, во изјава за Си-Ен-Ен предупреди дека компаниите сè поефикасно ги префрлаат зголемените трошоци од конфликтот врз крајните потрошувачи.
Тој ја објаснува моменталната состојба на пазарот преку однесувањето на домаќинствата, кои сè почесто ја намалуваат месечната заштеда за да можат да ги покријат повисоките цени.
„Потрошувачите на развиените пазари ја зафаќаат својата стапка на штедење, намалувајќи го износот што го издвојуваат секој месец за да можат да си ги дозволат повисоките цени“, изјави Донован.
Економската анализа укажува на пресврт во приоритетите на домаќинствата. Сè поголем дел од буџетот оди за гориво, енергија и комунални трошоци, оставајќи сè помалку простор за други секојдневни потреби.
Донован предупредува дека вистинскиот проблем ќе се појави кога потрошувачите повеќе нема да бидат подготвени, или нема да можат, дополнително да ја намалуваат својата заштеда. Во тој момент, високите трошоци за енергија би можеле да доведат до принудно намалување на пошироката потрошувачка.