Според Државниот завод за статистика, инфлацијата во април годинава, во споредба со истиот месец лани, изнесува 5,65%. Ова е многу повеќе од проектираната инфлација од 2,5% и јасно покажува дека цените растат со темпо кое народот не може да го издржи, велат од Левица.

Од партијата велат дека особено загрижува тоа што храната и безалкохолни пијалоци поскапеле за 8%, што директно удира по секое семејство.

„Ако се погледне периодот од април 2022 до април 2026, кумулативната инфлација достигнала алармантни 36%, додека храна и безалкохолни пијалоци поскапеле за 45,4%. Тоа значи дека за истите производи што граѓаните ги купувале пред четири години денес плаќаат речиси за половина повеќе. Од друга страна, платите и пензиите воопшто не го следат тој раст. Огромниот раст на цените на храната, струјата, енергенсите и основните производи покажува дека десничарската власт нема суштински план како да се справи со кризата и да го заштити стандардот на граѓаните. Наместо сериозни мерки гледаме импровизации, краткорочни потези и ПР пораки дека економијата е стабилна“, велат од Левица.

Она што особено загрижува, според партијата, е што Владата нема анти-инфлаторна стратегија.

Левица бара итно донесување на пакет мерки за заштита на граѓаните, кој ќе вклучува: ефикасна контрола и замрзнување на цените на основните производи, зголемување на минималната плата во согласност со реалните трошоци за живот и целосна транспарентност и отчетност во монетарната и фискалната политика.

„Без вакви конкретни и праведни чекори, инфлацијата ќе продолжи да го гуши народот, а најголемата тежина ќе ја понесат најсиромашните и работниците“, велат од партијата.