Цената на златото продолжува да руши рекорди и да го привлекува вниманието на светските инвеститори. На меѓународните пазари, еден грам од благородниот метал денес достигна вредност од 128 евра, додека унца злато, која тежи 31,1 грам, се тргува за дури 4.007 евра.
Во време кога глобалната економија е под постојан притисок, златото повторно се наметнува како најсигурното прибежиште за капиталот. Геополитичките конфликти, растечката инфлација и неизвесноста на финансиските пазари создадоа нов бран интерес кај инвеститорите, кои сè почесто го пренасочуваат својот капитал кон благородниот метал.
Дополнителен импулс на растот му дава и засиленото купување од страна на централните банки и големите инвестициски фондови, кои во златото гледаат долгорочна заштита од глобалните економски потреси. Аналитичарите оценуваат дека побарувачката е на нивоа какви што не се забележани со години.
Според проценките на водечки финансиски институции од Волстрит, ова можеби е само почеток на нов силен ценовен бран. Доколку продолжат политичките тензии, нестабилноста на берзите и стравувањата од економско забавување, не е исклучено цената на златото во наредниот период да ја надмине психолошката граница од 5.000 долари за унца.