Владата го усвои предлог-законот за игри на среќа
По месеци реакции, протести и предупредувања дека коцкарниците никнуваат „на секој агол“, Владата конечно го усвои новиот предлог-закон за игри на среќа и забавни игри. Со него се отвора нов обид да се стави рампа на агресивното ширење на индустријата, особено во близина на училиштата и на местата каде што секојдневно се движат деца и млади. Законот сега влегува во собраниска процедура, каде што се очекува дебата во матичните комисии.
Во владината информација акцентот е ставен на заштитата на децата, младите и семејствата, со порака дека коцкањето веќе не смее да се претставува како „брз пат“ до успех и лесни пари. Првпат се воведуваат строги ограничувања за рекламирањето на игрите на среќа. Се забранува рекламирање надвор од деловните простории доколку тоа има цел да ги поттикне граѓаните да учествуваат во игри на среќа, како и пораки кои коцкањето го претставуваат како пат до финансиски успех или решение за животните проблеми. Со новите измени нема да биде дозволено ниту рекламирање преку познати личности и содржини насочени кон малолетници.
„Испраќаме јасна порака дека коцкањето не смее да се нормализира, ниту да се претставува како стил на живот пред младите“, соопшти Владата.
Една од клучните мерки е воведувањето задолжителна оддалеченост од најмалку 500 метри меѓу казината, автомат-клубовите и електронските игри на среќа и основните и средните училишта. Дополнително, во обложувалниците што се наоѓаат во радиус до 500 метри од училишта нема да биде дозволено поставување видеолотариски терминали и друга електронска опрема за игри на среќа.
Владата информира дека паралелно веќе се преземаат мерки и против нелегалното онлајн коцкање. Според официјалните податоци, досега се затворени 358 нелегални странски интернет-платформи што незаконски приредувале игри на среќа во земјава.
Пред законот да стигне во Собранието, стигнаа реакциите од индустријата. Здружението „Сакам да работам“, кое ги претставува вработените во секторот, предупредува дека политичарите повторно ја отвораат темата со игри на среќа секогаш кога се приближуваат избори. Оттаму обвинуваат дека игрите на среќа повторно стануваат „дежурна политичка тема“ пред избори и предупредуваат дека со ваквите мерки може да бидат загрозени повеќе од 10 илјади работни места.
„Очекуваме политичка партија која прокламира заштита на работничките права да објасни како е можно да се залага 10 илјади вработени да останат на улица, без егзистенција“, велат од здружението. Оттаму сметаат дека мерката за дистанца од 500 метри е „целосно нефункционална“ и предупредуваат дека може да доведе до затворање на легалните објекти и префрлање на коцкањето во нелегални играчници.
„Државата ќе нема никаква контрола, а младината ќе биде под уште поголем ризик. Ако се затворат легалните објекти, ќе се вратиме во 90-тите години кога покер апаратите се криеја зад завеси во кафулињата“, реагираат од „Сакам да работам“ и додаваат дека легалниот сектор годишно носи повеќе од 350 милиони евра во Буџетот и претставува еден од најголемите приватни работодавачи во државата.
Прашањето за ширењето на коцкарниците и обложувалниците уште повеќе предизвика реакции јавноста, по серијата реакции од родители и граѓански организации дека објектите за игри на среќа се отвораат буквално покрај училишта, градинки и станбени населби. Во претходното истражување на ВЕЧЕР, беше објавено дека во земјава има меѓу 1500 и 1700 физички објекти за игри на среќа – околу 10 до 15 казина, 500 автомат-клубови и до 1200 обложувалници.
Во репортажата на ВЕЧЕР беше посочен и случајот во Ѓорче Петров, каде што поранешен салон за мебел се претвора во нов клуб со апарати за игри на среќа, на само 240 метри од училиште, во близина на градинка, обложувалница и неколку објекти за брзи кредити.
Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека еден од четири ученици се коцкал за пари во последната година, додека проблематичното коцкање кај младите е во пораст. Од движењето „Антикоцкање“ со години предупредуваат дека ширењето на објектите за игри на среќа создава сериозни социјални последици и влијае врз семејствата, младите и криминалот.
Предлог-законот сега треба да влезе во собраниска процедура, каде што се очекува жестока дебата меѓу поддржувачите на рестрикциите и претставниците на индустријата.