Автомобилската индустрија во Германија ќе изгуби 225.000 работни места до 2035 година, околу 35.000 повеќе од претходно прогнозираните, предупреди во среда шефот на Германското здружение на автомобилска индустрија (VDA).
VDA претходно предвиде дека помеѓу 2019 и 2035 година 190.000 работни места ќе бидат изгубени во автомобилскиот сектор.
„Врз основа на сегашните пресметки, сега за жал мора да претпоставиме дека 225.000 работни места ќе бидат изгубени до 2035 година“, изјави претседателката на VDA, Хилдегард Милер, за медиумската група RND. Таа, исто така, истакна дека помеѓу 2019 и 2025 годинаbприближно 100.000 работни места веќе се укинати.
Се очекува добавувачите да бидат особено тешко погодени, бидејќи преминот од возила со мотори со внатрешно согорување кон електрична мобилност води до значителни загуби на работни места во секторот на добавувачи, рече Милер.
Раководителката на здружението, исто така, ја обвини она што таа го нарече „сериозна и тековна криза на конкурентноста“ во Германија и во Европа за влошените перспективи.
Условите значително се влошуваат, предупреди Милер, наведувајќи ги високите даноци и царини, скапата енергија, високите трошоци за работна сила и прекумерната бирократија меѓу тешкотиите со кои се соочува автомобилската индустрија.