Земјите членки на ЕУ до крајот на минатата година искористиле нешто повеќе од половина од средствата од европскиот инструмент за закрепнување и отпорност, формиран во 2021 година како одговор на економските последици од пандемијата.

Вкупниот пакет изнесува 577 милијарди евра, од кои 360 милијарди се неповратни средства, а 217 милијарди евра се кредити. Крајниот рок за поднесување барања за исплата на неискористените средства е септември годинава.

Според податоците на Евростат, до крајот на 2025 година биле потрошени околу 310 милијарди евра, што претставува околу 53 проценти од вкупно расположливите средства.

Најголеми средства добиле Италија, Шпанија и Полска, но степенот на искористеност значително се разликува. Италија искористила 56 проценти од доделените 194,4 милијарди евра, Шпанија 44 проценти од 102,6 милијарди, додека Полска реализирала само 26 проценти од 54,7 милијарди евра.

За Хрватсла биле предвидени 10,04 милијарди евра, од кои 5,78 милијарди се грантови, а 4,25 милијарди кредити. Досега на земјата ѝ биле исплатени 7,29 милијарди евра, што значи степен на повлекување од 72,6 проценти. Сепак, до крајот на минатата година биле реално потрошени 42,7 проценти од вкупно достапните средства.

Хрватска има најслаба реализација меѓу земјите од регионот, со искористеност од само 19,7 проценти, додека Словенија реализирала 64 проценти од доделените средства.

Економистот на Голдман Сакс, Филипо Тадеј, оценува дека побавната апсорпција на европските средства делумно се должи на војната во Украина, која предизвика проблеми во синџирите на снабдување и ги забави инфраструктурните проекти.