Кина ќе купува американски земјоделски производи во вредност од најмалку 17 милијарди долари годишно до 2028 година, покрај постојните обврски за увоз на соја, соопшти Белата куќа.

Објавата претставува еден од ретките конкретни резултати од самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг во Пекинг, кој Трамп го опиша како „монументален настан“.

Новите купувања се надоврзуваат на договорот за соја постигнат на самитот во Бусан во октомври 2025 година. Според тој договор, Кина се обврза да купува 25 милиони тони американска соја годишно до 2028 година, додека двете земји се согласија да го запрат натамошното зголемување на царините.

Белата куќа соопшти и дека Кина ги обновила дозволите за повеќе од 400 американски погони за преработка на говедско месо и додала нови компании на листата за извоз.

Дополнително, Пекинг продолжил со увоз на живина од американските држави кои американското Министерство за земјоделство ги прогласило за слободни од птичји грип.

Според документот објавен од Вашингтон, САД и Кина постигнале согласност и околу Иран, оценувајќи дека Техеран не смее да поседува нуклеарно оружје и дека Ормускиот теснец мора повторно да биде отворен за пловидба.

Двете земји договориле и формирање нов трговски комитет за управување со трговијата во нечувствителните сектори, како и инвестициски комитет што ќе служи како форум за разговори за инвестиции.

Кина исто така се согласила на почетна набавка од 200 авиони од „Боинг“, а ќе разговара и за ограничувањата поврзани со извозот на технологии и опрема за преработка на ретки земни метали.

И покрај позитивните пораки, останува неизвесноста околу царините. Трамп по враќањето од Кина изјави дека темата за царините воопшто не била отворена, но кинеското Министерство за трговија соопшти дека е постигнат „принципиелен договор“ за намалување на дел од тарифите.

Пекинг ги потврди договорите за земјоделството и авионите, но засега не ги објави бројките што ги соопшти Белата куќа.