Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против лицата М.Ш. и Ж.Р. во својство на управители на едно правно лице и против правното лице, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело “Даночно затајување” од чл.279 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
Пријавените M.Ш. и Ж.Р. во својство на управители на правното лице, во различни периоди, свесно и со однапред утврдена намера да се стекнат со противправна имотна корист за себе и за правното лице, со цел да го одбегнат плаќањето на даночните обврски на кои биле обврзани согласно закон, до Управата за јавни приходи, за 2020 година поднеле даночен биланс за утврдување на данокот на добивка во кој искажале лажни податоци, додека за годините 2021 и 2022 воопшто не поднеле даночни биланси за утврдување на данокот на добивка, спротивно на сметководствената евиденција и искажаниот финансиски резултат во бруто билансите на друштвото, од банкарските сметки на правното лице подигнале парични средства по разни основи и извршиле плаќања кои не се поврзани со дејноста на правното лице без да постои доказ во сметководствената евиденција за нивната економска оправданост, а со намера да ги прикријат инкриминираните активности не поднеле завршни сметки за 2022, 2023 и 2024 година до Централниот Регистар на РСМ.
Со горенаведените дејствија, пријавените М. Ш. и Ж.Р. свесно и со намера да се стекнат со противправна имотна корист за себе и за правното лице не пресметале, не пријавиле и не платиле Данок на добивка во вкупен износ од 7.200.200 денари и Данок на личен доход во вкупен износ од 226.123 денари, односно, не ги пријавиле и не ги подмириле законските даночни обврски во вкупен износ од 7.426.323 денари, за кој износ е оштетен Буџетот на Република Северна Македонија.