ПРАТЕНИЦИТЕ ОДОБРИЈА НОВО ЗАДОЛЖУВАЊЕ!
Пратениците ја одобрија потребата на Министерството за финансии да се задолжи со 260 милиони евра кај странски комерцијални банки. Одлуката за одобрувањето да се реализира по скратена постапка предизвика реакции во парламентот, особено од опозициските пратеници, кои побараа подетална расправа за условите под кои државата ќе го земе заемот.
Владата првично планираше задолжување од 300 милиони евра преку странски комерцијални банки, но, како што соопштија од Министерството за финансии, обезбедени се 260 милиони евра од конзорциум европски и меѓународни финансиски институции. Средствата, според владините претставници, ќе бидат наменети за сервисирање на буџетските потреби и реализација на капитални инвестиции.
Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, од собраниската говорница изјави дека задолжувањето е во рамки на претходно утврдените фискални проекции и дека државата добила осум понуди од финансиски институции.
– Одлучивме да повлечеме до 260 милиони евра, бидејќи имаме сигурни информации дека дополнителни 40 милиони евра ќе бидат обезбедени преку проекти финансирани од Европската Унија – истакна Јанкуловски.
Опозицијата, пак, обвини дека Владата избегнува редовна собраниска процедура за едно од најголемите задолжувања во последниот период. Пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, побара подетална дебата за финансиските импликации од заемот.
– Ако задолжувањето е планирано и не претставува итна мерка, тогаш нема причина законот да се носи по скратена постапка. Станува збор за сериозен долг, со значителни каматни и провизиски трошоци што директно ќе паднат на товар на граѓаните – рече Спасовски.
Според предложените услови, заемот ќе биде повлечен во една транша, со рок на отплата од седум години и грејс период од три години. Отплатата ќе се врши во девет еднакви шестмесечни рати. Каматата ќе биде варијабилна, пресметана врз основа на шестмесечниот ЕУРИБОР зголемен за 2,1%. Дополнително, државата ќе плати еднократна провизија од 1,4 %проценти од вкупниот износ на заемот, како и годишен надомест од 12.500 евра за агентот на заемодавателите. Главен доверител е „Мерил Линч Интернешнл“, додека во кредитниот аранжман учествуваат и банки од Германија, Шпанија и Австрија.